Студеното време и престојот во колективи помагаат за ширење на вирусите, од кои не можеме целосно да ги заштитиме децата, но секако дека треба да им го зајакнеме имунитетот за полесно да се изборат со настинките. Не морате да правите ништо посебно. Доволно е да им обезбедите квалитетен сон и малку повеќе да обрнете внимание на хигиената, како и на тоа што јадат и пијат.

Доволно сон

Идеално би било детето на претшколска возраст да спие помеѓу 10 и 12 часа, детето на училишна возраст од 9 до 10 часа, иако тоа не е секогаш изводливо поради семејните обврски и распоредот. Сепак, потрудете се децата секоја вечер да одат во кревет во исто време и да се обидат да ги отспијат овие часа. Доколку детето е уморно и исцрпено, ќе биде поподложно на вирусни инфекции.

Темелно миење на рацете

Децата не ги мијат рацете темелно, иако ова е првата мерка за одбрана од вирусните инфекции, па не ви преостанува ништо друго освен постојано да им укажуваат додека не ја усвојат оваа корисна навика. Ако детето е мало, секогаш со себе носете влажни марамчиња за да му ги избришете рацете кога нема услови да му ги измиете.

Чист мед

Медот го зајакнува имунитетот, а освен тоа е и силен антиоксиданс, особено во комбинација со лимон. Половина лажичка мед дневно ќе биде доволно за децата до 5 години, а на постарите деца можете да им дадете цела лажичка. Не е препорачливо да им се дава мед на деца под една година. Лимонада со мед или кашичка со мед и малку сок од лимон е одлично за зајакнување на имунитетот.

Бистра пилешка супа

Нашите баби постојано напоменуваа дека топлата пилешка супа прави чуда кога ќе нè фати настинка. Доколку детето има затнато носе или кива, дајте му пилешка супа. Ќе ги ублажи симптомите на настинка и ќе го забрза заздравувањето.

Повеќе течности

Кога организмот треба добро да се хидрира, водата е незаменлива, а тука се и чаевите и другите топли напивки. Во овој период почесто приготвувајте им на вашите деца карамелизирано млеко, кое ги олеснува болките во грлото и кашлицата, а за секојдневна употреба изберете свежа лимонада или други свежо цедени сокови.

Инхалација со чаеви

Инхалацијата со чаеви од босилек и мајчина душица ги чисти синусите и го одзатнува носот, а не е потребен голем напор. Во мало тенџере ставете 1 литар вода, па кога ќе зоврие, додајте 2-3 лажици сув босилек или мајчина душица. Кога течноста малку ќе се олади, инхалирајте го детето.



912

X