Здравје

Совети за бремените жени – како да ги преживеете топлите денови

Поради вишокот килограми и поголемиот проток на крв, бремените жени многу потешко ги поднесуваат горештините. Следејќи ги овие неколку совети, ако сте бремени, ќе се чувствувате многу попријатно додека го чекате раѓањето на своето дете:

1. Пијте многу течности

Најдобар начин да го намалите отокот на рацете и на нозете е да го зголемите внесувањето на течности. Штом ќе се разбудите, напијте се две чаши вода, а во текот на денот најмалку два литри. Освен водата, пијте и природни сокови од овошје и зеленчук бидејќи ја гасат жедта, полни се со витамини и ја подобруваат циркулацијата. Чајот од коњско опавче е одлично средство против задржување на водата во организмот.

2. Пливајте

Важно е да се освежите, да се ослободите од чувството на тежина во нозете и од болките во грбот. Додека пливате, водата го масира телото, ја поттикнува циркулацијата и го подобрува дишењето. Се разбира, не смеете да претерувате, ниту со времето на задржување во вода ниту со пливањето, но една етапа од 50 метри лесно пливање нема да ви пречи.

3. Многу спијте

Одморот му е потребен на секого, особено на трудниците. Ако не успевате да спиете навечер најмалку осум часа, тогаш тоа надоместете го во текот на денот, но не на сонце, туку под сенка каде што е посвежо.

4. Шетајте се

Лесната прошетка се препорачува, но само во раните утрински часови и во предвечерието. Во текот на денот, кога сончевите зраци се силни, бремените жени би требало да не се изложуваат на сонце. Ако сте на море, немојте да се сончате на силно сонце, дури ни под чадор. Подобро е да престојувате во природа во некоја шумичка и да си читате книга, а и да се освежите со ладна лимонада.

5. Одморајте ги нозете

Неколку пати дневно направете го следното: легнете на под, а нозете подигнете ги на ѕид. По пет минути ќе почувствувате како тежината во нозете исчезнува.

6. Носете памучна облека

Кога надвор е топло, потењето се зголемува особено во пределот кај гениталиите, па доаѓа до зголемено чешање, вагинален секрет и печење. Задолжително носете долна облека од чист памук, бидејќи тој не пропушта воздух и ја впива потта. Водениот костим за капење веднаш соблечете го и облечете сув.

7. Внимавајте на исхраната

За топлите денови се препорачува лесна храна и што повеќе зеленчук и овошје. Тоа за трудниците е задолжително, а како правило треба да се почитува и методата на јадење почесто, во мали количини. Идеален оброк е салата од ориз, свеж зеленчук и пилешко бело месо. Потоа следува порција од свежо овошје.

8. Натопете ги стапалата

Ако навечер стапалата ви се отечени и ве болат, подгответе си бања: во ладна вода ставете една до две лажици морска сол, малку рузмарин и неколку капки од див костен, а потоа натопете ги нозете неколку минути.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top