Летните периоди се состојат од храна, пријатели, вечерни дружења. Убавото време и олабавените распореди им дозволуваат и на децата да остануваат будни до малку подоцна, а и да спијат до подоцна наутро, па летото е всушност одлично време за собиранки во дворовите и градините. Често семејствата знаат да се соберат за правење скара, но има и некои работи на кои мора да внимаваат возрасните кога во дружењата се вклучени и дечињата.

Безбедно правење скара

„Секоја година имаме деца кои доаѓаат во болница со изгореници затоа што ја допреле скарата“, вели д-р Кристина Џонс, директор на „ПМ Педијатрикс“ во САД. Таа вели дека скарите им се особено привлечни на децата бидејќи изгледаат интересно и им се достапни. „Има нешто во нивниот облик што ги тера децата да ги допираат, а и се на пониско ниво, па можат да ги дофатат, но тоа е во природата на децата“, заклучува таа.

Колку што е важно да ги држите децата подалеку од скарата, толку е важно и да се исчисти целосно скарата и местото каде што сте ја готвеле храната.

„Луѓето често знаат да ги запостават јагленот, дрвата, жарот каде што правеле скара, во двориштата или на пикник-местата. Па кога не расчистуваат доволно, не само што може да предизвикаат пожар, туку постои опасност малите деца да се стрчаат кон неисчистените региони и да се повредат“, вели Џонс. Таа ги охрабрува родителите да ги надгледуваат децата внимателно и кога има запалено логорски оган. „Секогаш се грижам кога некое дете се навалува кон огнот бидејќи децата не се доволно координирани. Тие навистина може да паднат, па дури и ако површината не е веќе топла, има потенцијал за повреда“, заклучува Џонс.

Опасност од огномети

„Често гледаме пациенти со изгореници на рацете или нозете, па дури и повреди на очите“, вели Џонс. Таа вели дека очите, рацете, нозете и гениталиите се најлошите места кои може да се изгорат не само затоа што се неверојатно чувствителни, туку и не заздравуваат брзо и целосно. „Тие регии се најмногу склони да предизвикуваат контрактури кога изгореницата заздравува, па може да остане лузна и да се изгуби одредено движење. А и имаме по две очи, па не дека имаме резерви за да ги повредуваме очите“, вели таа. Огнометите, ракетите и слични такви пиротехнички предмети се навистина опасни. Родителите треба задолжително да ги држат децата подалеку од нив со цел да спречат сериозни повреди.

Скриената опасност од труење со храна

Храната оставена подолго на отворено и незаштитена носи со себе и значителен ризик од труење. „Јадењата како мајонез или јајца не треба да бидат оставени на отворено повеќе од 2 часа. Во спротивно, се ризикува да се појават токсини во храната, а потоа и труење со храна кога се консумира“, вели Џонс.

Наместете аларм на вашиот телефон или часовник кога ќе започнете да сервирате, па внимавајте колку долго храната не е во фрижидер. Салати, сендвичи, сите јадења со преливи и сосеви се особено проблематични, па оброците нека бидат едноставни – со храна која сте сигурни дека нема опасност од труење. Овошје, зеленчук и суви производи како крекери се одлична опција за грицки и ужина додека сте на отворено.

Д-р Џонс вели дека многу од мерките за претпазливост што треба да ги преземат родителите за своите деца се однесуваат и на миленичињата. „Мора да бидеме внимателни и од можните повреди на нашите миленичиња, изгореници или консумирање расипана храна“, вели таа. Бидејќи, додека детето можеби знае која храна треба да ја избегнува или што треба да фрли, тоа не го знае домашното милениче, па потребно е од нивен дофат да се отстранат сите нешта што се потенцијална опасност за нивното здравје.

Автор: Кристијан Дашиел

Извор



912

X