Често велиме дека децата не ја знаат вредноста на парите и дека не разбираат зошто можат или не можат да добијат нешто, а забораваме дека тоа е нешто што не можат сами да го усвојат, нешто на што треба да ги научиме.

Сите се сеќаваме како нашите родители нè учеа на разни работи, но навистина на разни работи. Најчесто нè учеа како да ги препознаваме добрите луѓе, како да не им ставаме етикети на луѓето однапред, колку е важно училиштето во животот, дека секогаш мора да ги чуваме и да се грижиме за добрите пријатели и дека семејството мора секогаш да биде на прво место. Дека е важно да се храниме здраво, да се забавуваме, нè учеа да пливаме, понекогаш дури и да возиме автомобил, за потоа сето тоа да им го пренесеме на нашите деца. А што е со парите? Зошто никој никогаш не сака да ги научи децата како да управуваат со парите?

Честопати како возрасни мислиме – и веројатно истото беше и за нашите родители – дека не сакаме сè да се врти околу парите, дека не сакаме парите да им станат премногу важни на децата, па така не обрнуваме многу внимание. И на крајот тие растат, исто како и голем процент од оние што сега пораснале, не знаејќи како да управуваат со парите. Ако не ги научиме, ќе ги научи околината, односно општеството, а тоа не е најсреќното решение, на пример, во тинејџерските години.

Со овие 5 совети ќе ја постигнете целта што ја сакате и ќе ги научите вашите деца да управуваат со парите:

Отворете штедна сметка

Многу родители отвораат штедна книшка на име на детето уште кога ќе се роди детето, но тоа нема речиси никаква улога во тоа. Најдобро би било да отворите сметка тогаш кога детето ќе има одредени обврски и ќе знае што се случува, односно ќе има активна, а не пасивна улога. На овој начин детето може да го разбере концептот на пари. Кога ќе добие пари за некоја пригода, на пример, роденден, ќе му биде забавно да ги однесе тие пари во банка. Ќе се чувствува како возрасен, а оваа вештина би можела да го спаси во зрелоста. Не мора да е класична заштеда, може да биде најобична сметка.

Не плаќајте за домашните обврски, туку за вистински работи

Многу родители им воведуваат џепарлак на своите деца врз основа на „заработката“ од обврските низ домот. На пример – миење садови, чистење на просторијата. Ова е нешто за што тие никогаш нема да добијат пари во текот на нивниот живот и не е во ред да им плаќате за она што едноставно мора да го направат. Поделете ги задачите на – должности и задачи. Фрлањето на ѓубрето или чистењето со правосмукалка на сопствената соба е дел од секојдневниот живот и тие не добиваат пари за тоа. Сепак, големо чистење на куќата или уредување или нешто друго што би платиле некој друг да го направи за вас, може да се плати.

Научете ги што се парични казни

Животот е полн со казни. Ако го поминете патот на погрешно место, може да платите парична казна; ако не ги вратите книгите во библиотека навреме, го плаќате доцнењето. Детето треба да го научи тоа. Ако направи нешто погрешно или нешто што чини пари, не „покривајте“ ги трошоците. Ако треба да платите нешто, направете го тоа со пари од нивната сметка. Ако уништат нешто намерно, кажете им дека тоа мора да го надоместат со свои пари. Така ќе научат да преземат одговорност за своите постапки.

Охрабрете мудро трошење на парите

Ние ги сакаме нашите деца. И понекогаш затоа сакаме да им купиме сè што сакаат. Сепак, тие нема да научат многу за вредноста на парите, ниту ќе научат како да управуваат со нив. За детето ќе биде забавно и возбудливо да купи нешто што навистина го сака – со свои пари. Охрабрете го детето да штеди за она што го сака и на крајот купете го токму тоа. Меѓутоа, пред да купите, објаснете му на детето дека оваа специфична сума сега ќе исчезне од сметката, дека повеќе ја нема и дека мора да биде сигурно дека ја сака таа конкретна работа. Оставете го да размисли малку, па кога ќе се одлучи, одете и купете го она што го сака.

Направете заедничка каса

Ова е веќе чиста класика, но многу семејства не го прават тоа, а е многу корисно. Можете да поставите ден во неделата или некое правило кога и кои монети ќе ги ставите во касата. Исто така, можете да напишете заедничка цел на касата, односно нешто за што ќе ги искористите парите. На пример: патување во Венеција, нови ролерки или слично. Можете да ги менувате целите со текот на времето – ќе биде возбудливо за сите кога тие пари се користат за нешто важно.

Извор



912

X