Дали паметниот треба секогаш да попушти? На кој начин родителите би требало да реагираат кога детето ќе се скара со своето другарче, објаснува дипломираната воспитувачка Невена Ѓорѓевиќ од Србија.

Децата често доаѓаат во меѓусебни судири поради различни работи. Некогаш причина се играчките, некогаш преземањето другарчиња, судир на мислења… Тие судири се многу бурни, но краткотрајни, бидејќи кај нив емоциите се засилени. Родителите на нив гледаат субјективно и ги доживуваат како вистински напад на нивното дете. Заштитнички настроени, прават голема грешка мешајќи се во судирот. Често го навредуваат другото дете, му се обраќаат со повишен тон и така, свесно или не, го повредуваат бранејќи го своето дете. Како вашето дете би се чувствувало кога постаро лице на тој начин би се однесувало кон него?

Она што вие можете да го направите како родител е да не се мешате во нивните судири и да го научите детето како да се брани на што побезболен начин. Многу е важно кај детето да не се развие агресија, тоа однесување да не биде некултурно и невоспитано, туку на пристоен начин, вербално да се одбрани. Детето би требало да научи да најде решение кое на сите ќе ми биде од корист. Родителите имаат задача да ги научат своите деца што е тоа компромис и дека никој не би требало да биде загрозен или омаловажен. Затоа, развивајте ги кај детето толеранцијата и свеста дека не е секогаш во право, да знае да го признае тоа, и себеси и на другите, да ги разбира постапките на другите и со зборови да може да ги реши сите несогласувања.

Кога ќе направи или ќе каже нешто непристојно, прашајте го како би се чувствувало ако нему тоа му се случи, или ако се случила слична ситуација, потсетете го на неговите чувства. Децата најдобро сфаќаат што е добро, а што лошо кога во своите глави ќе ја доживеат таа ситуација и според таа емоција донесуваат заклучок.

Научете го детето да не зема, туку убаво да замоли да му се даде нешто, своето незадоволство да не го изразува со физичко наметнување на друго дете. Кај детето треба да се развиваат толеранцијата и трпението, бидејќи тоа ќе му помогне другите луѓе и судири да ги согледа од повеќе страни и да го избере она што ќе му донесе мир, а не стрес и нервоза. Некогаш ќе попушти и ќе се тргне, а некогаш храбро ќе стои и ќе го брани својот став.



912

X