Сонцето и сончевите зраци се неопходни за во човечкиот организам да се синтетизира витаминот Д.

Витаминот Д понатаму е неопходен за метаболизамот на фосфорот и калциумот бидејќи ја овозможува нивната апсорпција од цревата, односно нивното понатамошно искористување од храната која сме ја консумирале. Витаминот Д е важен за депонирање на овие минерали во коските и забното ткиво. На тој начин се јакнат коските и забите.

Кај луѓето што имаат недостиг на овој витамин детектирана е склоност кон кариес. Исто така, друго важно влијание на витаминот Д е дека ги забрзува одбранбените процеси во ткивото кое ги опкружува забите (пародонциум). Витаминот Д влијае врз клетките на парадонталниот лигамент на тој начин што ги стимулира да произведуваат антифламаторни антитела и се борат против воспаленија во парадонциумот. Ова придонесува за спречување на развојот на заболувања на непцата, гингивитис и парадентоза.

Најновите истражувања во стоматологијата покажуваат значително влијание на витаминот Д и врз спречувањето на оралните заболувања, кариесот и парадентозата.

Со сончањето секако дека треба да се биде внимателен бидејќи долгото и несоодветно изложување на сонце доведува до големи последици врз нашето здравје. Штетни ефекти се изгорениците, а исто така, подоцна може да дојде и до создавање на предиспозиција и ризик за понатамошно оштетување и заболување на кожата. Ова може да се избегне така што ќе се ограничи нашиот престој на сонце, ќе се излегува рано наутро, рано претпладне и подоцна попладне, а секако да се избегнува пладнето и средниот дел од денот.

Соодветната заштита во вид на препарати со заштитен фактор и соодветна гардероба е исто така, важна.

Автор: д-р Наташа Пејчиќ, стоматолог



912

X