Петгодишниот Досон Гардинер не сака бубачки. Всушност, ако види пајак, неговиот прв импулс е да го згазне. „Секогаш му велам – не прави го тоа, пајакот нема да те повреди. Тој е поисплашен од тебе отколку ти од него“, вели неговата мајка Стефани.

Зошто децата од претшколска возраст се плашат од инсекти и пајаци? „Се плашиме од работите за кои не знаеме ништо“, вели Сабина Еспозито, биолог во организацијата „Инсекти без граници“ од Торонто, која им помага на децата (и возрасните) да научат повеќе за чудниот и прекрасен свет на бубачките. „Малите деца не знаат што претставуваат овие брзи, мали суштества, па често и возрасните реагираат негативно во врска со тоа“. Приближувањето и спознавањето на овие малечки суштества може да помогне, вели Еспозито. Еве како да го направите тоа на лесен начин:

1. Набљудувајте и собирајте

Одете во вашиот двор и забележете ги бубамарите кои ги јадат лисните вошки во градината. Гледајте ги вилините кончиња како ги фаќаат комарците покрај езерото. Лежете на ќебе во летна ноќ и уживајте во танцот на светулките. Еспозито препорачува да собирате инсекти што не летаат. Не заробувајте ги оние што летаат. Ако вашето дете фати таков инсект, охрабрете го да го пушти.

2. Грижете се и учете

Пластичен сад, со неколку дупчиња за да поминува воздухот, и имате добар терариум. Малите мрежи се корисни алатки за малите ентомолози. Направете живеалиште со почва, лисја, камења, гранчиња, за инсектите да имаат места за криење. Крлежи, бубамари и слични инсекти се добри кандидати за набљудување. Иако полжавите не се инсекти, и тие може да живеат мирно со другите инсекти и се интересни за набљудување. Ќе ви биде потребен водич за идентификација, или пак побарајте информации на интернет. Малку компир и морков обезбедуваат хранливи материи и вода за инсектите, а полжавите сакаат и зелена салата (марула).

Земете лупа – забележете ги бојата и обликот и гледајте колку се прекрасни и храбри овие животни. По неколку дена истражување вратете ги инсектите во нивното природно живеалиште. Фарма за мравки е уште еден убав начин за децата да ги проучуваат инсектите. „Можете да видите каков е домот на мравките и колку енергија трошат за да го изградат“, вели Еспозито. „Вашето дете може да ги гледа вредните мравки како прават тунели, да забележи кога јадат и спијат и да ја открие кралицата“.

Ако сакате да го набљудувате процесот во кој суштествата се менуваат од една форма во друга (метаморфоза), купете ларви во продавница за миленичиња. „Побарајте ги малите и ставете ги во терариум со малку компир или морков. Ќе видите дека се движат и по неколку дена ќе видите дека ќе се развиваат сè додека не станат крлеж или некоја друга бубачка“, вели Еспозито. Таа не советува да се собираат пајаци. „Тие се месојадци и ќе ги изедат другите инсекти во терариумот. Луѓето често се нервозни поради пајаците. Можете да објасните дека оние во нашите домови всушност ги јадат другите инсекти и на тој начин ни се од помош“, вели Еспозито. Обидете се да најдете место во природата по врнежи од дожд каде што ќе видите блескава мрежа на пајаци.

3. Бидете смирени

Ако останете смирени околу инсекти – особено пчели и стршени, шансите се дека и вашето дете ќе го стори истото. Еспозито вели дека не била боцната во последните 15 години, а ги остава пчелите да кружат околу неа и да се спуштат на нејзината кожа. Ако мрдате со рацете и ја иритирате пчелата, поголема е шансата да ве боцне бидејќи ве гледа како закана“, вели Еспозито.

Родителите можат да ги ублажат стравовите од инсектите и други морничави суштества што лазат ако потенцираат колку важни се тие – дека без нив мрежата на животот од која сме зависни нема да опстане. „Пчелите создаваат мед и запрашуваат. Без нив и без многу други инсекти нема да имаме овошје и зеленчук. Ја делиме планетата со нив. Секогаш им кажувам на децата дека нашите домови се изградени на нивните домови – вели Еспозито.

Автор: Сузан Спајсер

Извор



912

X