Во денешно време многу деца претпочитаат да седат на телефон наместо да си играат, да цртаат или да се движат. Овој проблем е уште поизразен кај деца со АДХД или аутизам, каде што поставувањето рамнотежа меѓу дигиталниот и реалниот свет е особено тешко.
Според невропсихологот Ренди Кулман, дигиталната забава не мора да биде штетна, но лесно може да стане доминантна. Ако детето има тешкотии со преминување од една активност на друга, важно е да најдете нешто што навистина го интересира како спорт, готвење, цртање, експерименти, редење сложувалки. Тие нема да го привлечат исто како екранот, но може да му го задржат вниманието.
Психолозите објаснуваат зошто екраните се толку привлечни: нудат постојани награди, немаат јасен крај, создаваат напнатост и ја стимулираат зависноста. Затоа, потребен е свесен напор од родителите.
Како да почнете?
Најпрво, и самите родители треба да го намалат своето време пред екран. Децата учат преку пример.
Вклучете во дневната рутина заеднички активности: друштвени игри, прошетки во природа, базен, музеј. Во дигитален свет, родителите мора да бидат упорни и креативни.
Не е доволно само да им купите боички или да ги запишете на курс, туку треба да поставите правила, да следите колку време поминуваат на телефон и да го ограничите пристапот без оглед дали станува збор за телефон или телевизор.

Совети за родителите
Поттикнете интереси надвор од екранот
Поддржете ги децата да се занимаваат со спорт, уметност, природа. Ако сакаат технологија, искористете го тоа, на пример, спортска видеоигра може да ги мотивира да тренираат во живо.
Развивајте здрави навики кај децата
Не фокусирајте се само на забрани. Покажете им дека играта без телефон е забавна, здрава и вредна. И самите бидете пример.
Бидете флексибилни
Понекогаш е во ред да им дозволите повеќе време на телефон, на пример, кога сте на патување, додека готвите и слични ситуации. Повремена попустливост ги намалува конфликтите.
Учете ги на одговорно користење на телефонот
Разговарајте за рамнотежата, поставете граници и помагајте им да стекнат самоконтрола.
Приспособете ги правилата според детето
Внимавајте на вредностите во вашето семејство и потребите на вашето дете. Ако има тешкотии во училиште, поттикнете едукативни игри.