Без разлика на тоа дали го заспивате бебето, се галите со него или сте тргнале во прошетка, има неколку главни одредници во однос на тоа како се држи бебето, особено новороденчето.
Како да го држите бебето?
– Ако се чувствувате несигурни да го кренете бебето, замолете некого од членовите на семејството да ви го стави в прегратка. По само неколку дена ќе посакате и самите да се обидете да го кренете своето бебе. Нема никаков сомнеж дека ќе успеете.
– Новороденчињата имаат многу слаба контрола на мускулите, па бебето во првите неколку месеци од животот не е во состојба да го држи вратот исправен. Затоа секогаш придржувајте му ги главата и вратот, без исклучок и без разлика на тоа во која положба го држите.
– Ако сакате да го заспиете бебето, обидете се да го држите блиску до своето срце за да ги слушне отчукувањата. Срцевите отчукувања го смируваат бебето бидејќи го потсетуваат на времето во мајчината утроба.
– Додека го држите бебето, обрнете внимание на фонтанелата, чувствителниот и мек дел на врвот од главата на бебето каде што коските од черепот сѐ уште не се целосно сраснати.
– Секогаш држете го бебето така што носот и устата да му бидат слободни (да не ги прекриваат делови од ќебенцето, облеката или вашето тело). Со едната рака секогаш придржувајте го грбот на бебето, а со другата главата.

– Секогаш кревајте го, држете го и спуштајте го бебето нежно и полека. избегнувајте какви било нагли, груби или грчевити движења.
– Никогаш не тресете го бебето. Тоа може да биде многу опасно и да резултира со последици како слепило, оштетување на мозокот или смрт.
– Немојте да готвите или да користите садови со топла течност додека го држите бебето, дури и ако користите носилки или марами за носење бебе.
– Често менувајте ја положбата на држење на бебето за да откриете која најмногу му одговара.