Сите вие што сте млади, во средината на пубертетот, или така се чувствувате – послушајте. Имам неколку предлози:

Прво и основно и најважно: простете им на вашите родители

Простете им сѐ. Простете им што се склони кон алкохол, лекови, телевизија, депресија. Простете им што за нивната несреќа секогаш е виновен некој друг. Што гледаат реалити шоу, што и покрај сѐ им веруваат на политичарите. Што зборуваат еден за друг зад грб. Што за глупости подигнаа кредит, што не биле тука, што се обидуваат да ви се мешаат во животот. Простете им ги сите кавги и навреди што сте ги добиле без причина. Простете во вашето срце, без осуда. Простете им зашто сето она што го направиле, го направиле од најдобра намера. Едноставно не знаеле за подобро и поразлично. Не заради нив, туку заради себе. Зошто додека не им простите, врзани сте за нив, па дури и ако се починати. А ви треба слобода за да си помогнете сами на себе. А ако успеете да си помогнете, автоматски ќе им биде подобро и ним.

Не верувајте во сѐ што ќе чуете од возрасните

Уште подобро – не верувајте во она што има негативен предзнак. Тоа не е апсолутна вистина, тоа е само личен став. Уверување формирано врз основа на точни, но нецелосни информации. Сегашниот момент на ова место не е најлесен на светот, но не е ни најтежок. Има места каде што се живее полесно, но и каде што се живее потешко. Она што најмногу придонесува за тежината на сегашниот момент на ова место без дилема е недостигот од самодоверба и чувството за смисла кај секој поединец. Од тоа произлегуваат сите други непријатности. Поради тоа, многумина одбиваат да ја преземат одговорноста за своите односи, здравје, финансии, па секогаш е виновен некој друг. Но, не станувајте дел од таа група. Еве подобар предлог.

Немате многу пари, автомобил, јахта. Но, имате време

Времето е највредниот ресурс кој некогаш ќе го поседувате. Исто така е и необновлив. Инвестирајте го внимателно, бидејќи нема пари што можат да ви го вратат потрошеното време. Тоа време е вашата огромна шанса. Баталете ги сите серии, видеоигри, филмови, сето она што ве води по најкраткиот пат до практично знаење и вештини. Секоја секунда потрошете ја паметно. Хартија и пенкало в рака. На првиот лист запишете што ве возбудува кога сте во движење: излегувања, љубов, спорт, танцување, пеење, сликање, прошетка, дружење, хоби, што и да е. На другиот запишете што сакате да научите, а во моментот не го знаете: странски јазик, вештина, занает. На третиот лист запишете што би сакале да имате материјално, а во моментов го немате. На четвртиот запишете што би можеле да работите за да заработите пари, за сето она што запишавте дека ви треба, а се плаќа.

Бидете искрени кон себе: дали повеќе ви значат непознати девојчиња што се шминкаат, типови што отвораат кутии со мобилни телефони, серии за кои сценариото го смислува компјутер или ви значи сопствениот живот? Ако заклучите дека сте си важни сами на себе, фокусирајте се на активности кои ви причинуваат задоволство. Започнете со спроведување на планот, не од утре, не од понеделник, туку СЕГА. Изберете што било од списокот што можете веднаш да го направите. Ако сега нешто почнете да правите, за три години ќе имате искуство.

За сето тоа што го напишавте потребна ви е сила. Нема подобар одмор од спиење во текот на ноќта. Ако ритамот ви е нарушен, обидете се да се вратите во нормала. Спортот е исто така задолжителен за да ви ја зголеми физичката кондиција за да успеете да го направите тоа што сакате во животот. Секој ден вежбајте, трчајте.

Ако она што го учите на училиште не ве интересира, запишете се на нашето друго. Или не учете, па почнете да работите. Нешто старо мора да оди за да дојде нешто ново.

Во секој случај, намалете го притисокот врз семејните финансии. Дури и ако учите, можете нешто и да работите, па да си имате сопствен џепарлак. Шетајте кучиња, чувајте деца, држете часови, работете за странци преку интернет, отворете кафуле заедно со пријателите. Тоа ќе ви го поправи расположението и вам и на вашето семејство.

Во секоја животна ситуација однесувајте се одговорно кон себе. Не заради родителите, туку заради себе. Да се биде возрасен не значи само да се има возачка дозвола и лична карта. Значи да се стане функционален родител на самиот себе, самостојно да се задоволуваат емотивните, социјалните, материјалните и сите други потреби. Да се биде возрасен значи да се преземе целосна одговорност за самиот себе со минимално оптоварување на другите. Да се биде возрасен значи да се сака својот живот и да се ужива во него. Да се биде човек, наспроти сѐ.

Автор: Срѓан Плавшиќ, наставник



912

X