Колку навистина вреди трудот на една домаќинка? Грижата за децата, готвењето, перењето алишта, пеглањето, чистењето, планирањето на дневниот распоред и целата логистика поврзана со домот, се само дел од задачите што секојдневно ги извршуваат родителите кои остануваат дома.
Иако оваа работа не се смета за „вистинска професија“, сè повеќе луѓе укажуваат на тоа колку е всушност физички и емоционално исцрпувачка и колку би вредела.

Токму затоа во центарот на вниманието се најде Амбер Обри, мајка на три деца од САД која на мошне директен начин одлучи да покаже колку вреди нејзината работа. На „Тик-ток“, каде што се претставува како „професионална домаќинка“, објави видео во кое открива дека секоја седмица му испраќа фактура на сопругот за сè што има завршено во домот во вкупна вредност од дури 2.730 евра.
Амбер детално ја образложи својата „ценовна листа“: за миење садови наплатува 20 евра, што е околу 300 евра неделно; перењето облека чини 35 евра по тура, што седмично изнесува околу 140 евра. За чистењето на бањите, што често се смета за една од најнапорните задачи, наплаќа 60 евра по бања, што е околу 240 евра неделно.
Но тоа не е сè. Тука се и купувањето намирници, носењето деца на активности, помагањето околу домашните задачи и уште многу секојдневни обврски кои на крај придонесуваат за високата сума.
Како што вели, нејзиниот сопруг добива плата секој петок, па тогаш и таа ја добива својата плата. Низ шега додава дека маж ѝ би можел да заштеди ако почне да ѝ помага со дел од обврските.
Реакциите на интернет беа поделени: некои ѝ дадоа целосна поддршка и го поздравија нејзиниот пристап, додека други сметаа дека сумата е или преголема или, напротив, недоволна за сè што треба да направи една личност за домот да функционира.