На децата и на возрасните им е потребна дневната светлина. Силната светлина ги подобрува расположението и концентрацијата. Сетете се само колку сте расположени на сончев ден, а колку кога е тмурно и облачно. Силната сончева светлина може да помогне при превенција од болести, нарушување на спиењето и кратковидост, која стана честа појава меѓу децата. Новите истражувања посочуваат дека дневната светлина е клучна за развојот на мозокот, односно може да поттикне создавање на нови синапси и да ја подобри способноста за учење. Еве мал увид во јачината на светлината на која сме изложени кога сме на отворено, а на која кога сме во затворено. За сончев ден, јачината на светлината на отворено е околу 100 илјади лукси, кога е облачно, помеѓу 10 илјади и 40 илјади лукси. Па дури и кога е најтмурен ден, јачината на светлината е околу 1.000 лукси.

За разлика од тоа, во затворен простор јачината на светлината варира помеѓу 50 и 500 лукси, колку што е измерено во многу осветлени училници. Тоа укажува дека кога се наоѓаме во затворено, изложени сме на сосема различно осветлување од природното, и тоа е проблем. Светлината не им е потребна само на растенијата за да можат да извршуваат фотосинтеза, туку е клучна и за развојот на човекот. Па еве некои од корисните работи што ни ги носи силната сончева светлина:

-Се подобрува расположението. Психијатрите Маруани и Гефрој во своето истражување во 2019 година утврдиле дека сончевата светлина е многу ефективна во третирањето депресија.
-Секојдневното изложување на децата на сончева светлина помага во третирањето на кратковидоста кај децата (Нортон 2017).
-Сонцето му помага на детското тело во производството на доволни количини на витаминот Д. Се покажало дека недостигот на витамин Д кај децата предизвикува проблеми со коските, кардиоваксуларни болести, намалена функционалност на мускулите, преран пубертет кај девојчињата и когнитивни проблеми (Чу и Харис 2013).
-Многу истражувања покажале и дека изложувањето на децата на сончева светлина штити од развој на мултиплекс склероза во возрасна доба.

Кога се зборува за изложувањето на децата на силната сончева светлина, тука се мисли на секојдневна игра во парк и престој на отворено во текот на целата година, а не престој на силно сонце во текот на летото. Да напоменеме за крај дека од пресудна важност е заштитата на детето со кремови со висок заштитен фактор при престојот на сонце.

Автор: Ива Брчиќ, сертифицирана едукаторка на програмата „Најсреќното бебе“

Извор



912

X