За да може успешно да им се спротивстави на сите зарази, детскиот имунитет мора да биде урамнотежен, ни прејак ни преслаб. Секое отстапување од тоа на крајот ќе заврши со чести инфекции или алергии со кои дотогаш детето не се соочувало, па затоа би било добро паметно да го искористите летото. Храната богата со свежо овошје и зеленчук, пливањето, умереното сончање и активности кои кај децата предизвикуваат смеење го засилуваат одбранбениот механизам, па вашите мали деца ќе ја дочекаат есента во топ-форма.
Храна богата со витамини за силен имунитет
Свежото овошје и свежиот зеленчук изобилуваат со витамин Ц и антиоксиданти кои ги штитат клетките од оштетувања. Боровници, кајсии, праски, сливи, малинки и капинки содржат нутритиенти кои се неопходни за правилен развој на детскиот организам, а кога станува збор за зеленчук, тука се доматите, брокулите, морковот, лукот и секако пиперката. На децата треба да им се ограничи внесот на слатки зашто шеќерот дејствува имуносупресивно, го намалува бројот на леукоцити и антитела, но затоа им се препорачуваат т.н. добри маснотии што ги има во маслиновото масло и во морските риби. Сите овие здрави намирници треба да ги распоредите во три главни оброци и две ужини.
Стручњаците се согласуваат дека за децата е пожелно да го совладаат пливањето уште на претшколска возраст зашто овој спорт ги зајакнува имунитетот и отпорноста на вирусни и бактериски инфекции. Освен тоа, пливањето го подобрува тонусот на мускулите, како и апетитот, а обезбедува и подобар и поквалитетен сон.
За децата е најдобро да пливаат на море, но добри се и базените и езерата. Покрај овој основен спорт, за јакнење на имунитетот се добри и други активности на отворено – возење велосипед, ролери, трчање…
Сонцето е важно за апсорпција на витаминот Д
Сончањето е најдобар и најприроден начин за оптимизација на нивото на витаминот Д во крвта. Тој преку кожата се апсорбира во внатрешноста на организмот, за што се потребни околу 48 часа. Умерено сончање за деца се препорачува само до 10 часот наутро и по 17 часот, но и тогаш се препорачува заштита.
Во текот на летото децата треба да носат капчиња, очила за сонце, облека што ги штити од сонцето, но ѝ овозможува на кожата да дише. Исто така, се препорачува и да се употребуваат кремови за сончање со висок заштитен фактор.
Смеењето е обележје на доброто здравје и на нормалниот развој, па затоа отсекогаш се верувало дека смеата е лек против болести. Затоа во многу земји се спроведува „комикотерапија“ – лекари-кловнови ги засмејуваат децата и така придонесуваат за лекување на некои болести, ги ослободуваат од стравот и недовербата, особено ако децата се подолг период хоспитализирани.
Но, смеењето е лековито и без комикотерапијата зашто го активира лекувањето на хормонот на среќата, ги активира мускулите, ги шири белите дробови и го јакне имунитетот.