Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) одлучил утре, на 2 септември, да има предупредувачки штрајк на вработени во образовната дејност. Тоа, според претседателот на СОНК, Јаким Неделков, значи дека членовите на синдикатот и оние што ќе се солидаризираат кон штрајкот нема да прифаќаат ученици, нема да одржуваат настава, ниту ќе реализираат воспитно-образовни активности.

– Кадарот во училиштата ќе се појави на работа и ќе престојува во заедничка просторија, определена од директорот, онолку време колку што е предвидено за активностите тој ден – изјави утрово Неделков.

Тој објасни дека штрајкуваат членовите на синдикатот, а може да се приклучат, солидаризираат и оние што не се членови.

Јаким Неделков; Фото: СОНК

– Тие за солидаризацијата треба да дадат изјава до директорот на училиштето и до синдикатот – вели Неделков.

Членови на СОНК, според него, се 90 проценти од наставниците во земјата или повеќе од 20.000 наставници.

– Имаме најави за солидарност, очекуваме масовност, но и опструкции. Општините и централната власт повикаа да се одржи настава. Неблагодарно е да прогнозираме што ќе донесе утрешниот ден. Да почекаме до утре – вели Неделков.

Родителите по сè изгледа ќе треба да прашаат во училиштето дали детето утре да оди на настава.

Наставниците се незадоволни од најавеното зголемување на платите од 5 отсто. Синдикатот ѝ даде рок на Владата до 1 септември за преговори и за реално зголемување на платите на сите вработени во образовната дејност.
– Не сме задоволни од зголемувањето на платите од 5 проценти. Реално би било зголемувањето да е 20 проценти – рече Неделков.

Фото: Архива

Тој објаснува дека месецов ќе го определат за преговори со Владата.
– Доколку ништо не се договориме и во септември, имаме опција за генерален штрајк. Ние сме репрезентативен синдикат со околу 20.000 члена – вели Неделков.



912

X