Критериумите за избор на ментори не се издржани. Ќе излезе дека учествата на семинари и конгреси се најважни, ќе излезе дека најквалитетни ќе станат оние наставници што директорот најмногу ги праќал на симпозиуми, работилници, семинари, реагира првиот човек на СОНК

Критериумите на Министерството за образование и наука за избор на наставници кои ќе напредуваат во звање се неиздржани и затоа треба да се преправат и дотераат, реагира Јаким Неделков, првиот човек на Синдикатот за образование, наука и култура. Според него, спорно е тоа што јавниот повик за пријавување се објавува за време на зимски распуст, како и тоа што ќе се одбира само по еден наставник од секое училиште.

– Има работи кои во тој јавен повик се неспроведливи. Повикот е за наставници во основното образование, а не и за стручните соработници, иако се повикуваат на Закон за наставници и стручни соработници. Јавниот повик е дискриминирачки кон професорите во средните училишта бидејќи тие не можат да напредуваат во кариерата. Од друга страна, критериумите не се издржани. Ќе излезе дека учествата на семинари и конгреси се најважни, ќе излезе дека најквалитетни ќе станат оние наставници што директорот најмногу ги праќал на симпозиуми, работилници, семинари. Ако некој наставник стекнал знаење, умеење и вештини од тие негови учества, па потоа им ги пренел на децата, тогаш е во ред. Ако има видливи резултати од таа приказна, тогаш е во ред, но само учество, тоа не значи многу – смета Неделков.

Проблем е и тоа што, според него, се огласува на 4 јануари, а до 21 јануари е рокот за пријавување.

– Тоа е период во кој тече зимскиот распуст, некои од наставниците одат на работа, а некои не, па има проблем со обезбедување документација. Ние како СОНК не сме против кариерен развој на наставниците, но тоа треба да се изведе на начин каков што треба – додава претседателот.

Пропуст е тоа што во јавниот повик нема нагласено во кој временски период важат доказите кои се бараат, дали во последните три, четири или повеќе години.

Јаким Неделков

– Нам ни требаат мерливи и релевантни инструменти кои ќе ја мерат работата на наставниците и врз основа на што ќе се знае дали и колку се тие квалитетни – додава тој.

Советот на СОНК на последната седница донел заклучоци во однос на најавените реформи во образованието.

„Една од актуелните теми беше нацрт-концептот за реформи во основното образование. Советот на СОНК, по опширната расправа темелејќи ја на доставените записници од синдикалните организации, констатира дека СОНК ја поздравува иницијативата за реформирање на образованието и смета дека таа е неопходна, но избрзана, без создавање неопходни услови за непречено одвивање на истата, без претходнo отстранување на слабостите за нејзино успешно реализирање и со многу неодговорени прашања и детали во самиот документ Нацрт-концепт за реформи во основното образование. Советот донесе заклучок, во интерес на поуспешно реформирање на основното образование, дека треба оваа иницијатива да се одложи или да се спроведе во пилот-училишта и врз основа на резултатите во тие училишта да се детектираат и отстранат евентуалните слабости, да се констатираат добрите страни, а потоа да се преземат чекори за спроведување на реформите“, стои во соопштението од Синдикатот.



912

X