Ковид-пандемијата за 15 отсто ги зголеми невролошките проблеми кај децата. Потребна е нова ера за будно следење на детскиот развој уште при формирањето на нервниот систем, вели Аспазија Софијанова, директорка на Универзитетската клиника за детски болести и претседателка на Здружението на педијатри на Македонија. Најавена е и голема реорганизација на Клиниката за детски болести.

Софијанова ова го истакна на денешниот симпозиум што се одржува во Прилеп на тема „Детска неврологија: рекурентни неонатални конвулзии и епилептичен статус“ во организација на Здружението на педијатри на Македонија.

– Пандемијата влијаеше. Околу 15 отсто се зголемија невролошките проблеми кај децата. Ковидот предизвика комплетни промени во целиот свет, и невролошки. Децата најмногу невролошки изреагираа. Делот поврзан со централниот нервен систем, за среќа, не направи да имаме лош исход кај ниедно дете досега. Но, сме гледале ситуации во кои ковидот со своите антитела кои ги создаваше направи енормна различност отколку кај возрасните, дури и не знаевме за некои, но знаеше да направи транзиторни ситуации со дезориентираност и тоа укажа дека треба сѐ уште да сме внимателни. Еве, најавувам една голема реорганизација на Универзитетската клиника за детски болести со особен акцент на невролошкото одделение и на децата кои имаат проблеми во развојниот дел, класично да кажеме во тој спектар на аутизам, кој, за жал, мора да кажеме дека лутаат во целиот овој систем и се надевам дека од сето ова ќе се изроди патека кон која ќе ги упатуваме тие деца со особени проблеми во делот на развојот, а тоа е и аутистичниот спектар на однесување. Кон крајот на октомври во Скопје ќе се одржи голем конгрес, повикани се најреномирани гости од целиот свет и ќе говориме за аутизмот – изјави Софијанова.

Симпозиумот на македонските педијатри и специјалистите од Балканот за епилептични состојби, прв од ваков вид, отвора потреба за заедничко решавање на невролошките проблеми кај децата.

Евидентна е потребата од заеднички детски неврохирурзи кои недостигаат. Отворањето на заеднички балкански центар би било идеално – смета Моника Кукурузовиќ, невропедијатар од „Сестре милосрднице“ од Загреб, Хрватска.

Мирјана Перкович Бенедик, специјалист од Универзитетскиот клинички центар од Љубљана, Словенија, нагласува дека државата треба да ги следи барањата за соодветна терапија за епилептичните состојби кај децата.

– Околу две третини од епилепсијата може да контролираме со добри лекови и терапии и да имаат квалитетен живот. Сѐ уште, околу 20 отсто кај епилепсијата  постои отпорност при лекувањето со епилептичките лекови. Во тој случај во прашање се други методи, како хирургија. Тој дел е проблематичен и децата живеат живот со полош квалитет. Ова стресно пандемично време може да влијае на појава на епилептични напади кои не би ги имало. Државата да дава доволно лекови, оти има многу нови лекови кои се подобри од старите – вели Перкович Бенедик. 

Извор: МИА



912

X