Ова двегодишно дете има повеќе животни вештини отколку многу студенти. Со мала помош, Џекс Тејлор може да подготви чај, да ја користи машината за перење, да се среди и да подготви јадење. Неговите родители му дозволуваат да извршува одредени домашни обврски и да учи од сопственото искуство и од сопствените грешки.

Гордата мајка Флоренс го научила својот син да биде независен користејќи го методот на Монтесори.

Овој метод на воспитување им дава на децата можност да научат и да го истражуваат светот самостојно. Додека некои родители сметаат дека тоа е проблем, мајката на Џекс смета дека нејзиниот син е самостоен.

Со помош на оваа техника, родителите ги охрабруваат своите деца да учат самостојно. На две години тој научил да готви, да пере облека, да мие садови и да ја чисти куќата.

– Ми се допадна идејата мојот син да биде независен, мотивиран и да се развива на вистински начин. Станува збор за тоа дека јас сум таму како родител и се грижам за него, но исто така му дозволувам да се развива самостојно – вели Флоренс, која е од Западен Сасекс.

– Во воспитувањето нема пофалби или казни, има само упатства и природни последици. Исто така, се става голем акцент на она што го нарекуваме „практична животна работа“, а тоа се секојдневните активности, како што е перењето облека. Му дозволувам на мојот син да ми се придружи во готвењето, во миењето садови и во што било друго што го интересира. Тој е доста независен и сака да учи. Нашиот син научи вештини што ги немаат некои возрасни што ги познавам.

– Знае како да ја избере правилната програма за перење, каде да го стави омекнувачот, како и да ја префрли облеката на сушење кога ќе заврши перењето. Влегов во кујната и видов како од програма за перење префрла на програма за сушење – вели оваа мајка.

– Отсекогаш го интересираше готвењето, па затоа му дозволував. Имаме ножеви за мали деца и прибор за готвење. Секогаш сум тука да го чувам. Ја користи рерната, но знае дека е жешка и дека не смее да ја допира. Дури и еднаш ми рече да ја тргнам мојата рака затоа што беше на вклучената плотна – вели Флоренс.

Вообичаената изрека на Монтесори-заедницата е дека на детето треба да му се помогне колку што е потребно, а кон оваа изрека се придржува и оваа мајка.

– Мојот син знае да си направи чај. Целата постапка, освен што не си става чај од чајникот во шолјата затоа што е преголем и тежок за него. Сепак, тој знае дека е жежок и дека не смее да го допира – вели Флоренс.

Покрај тоа што му дозволува самостојно да донесе свои одлуки, Флоренс го поддржува и во стекнување разни вештини, како на пример преминување на улица.

– Секако дека сум тука, подготвена да го запрам кога ќе истрча на улица, доколку е потребно, но секогаш му давам можност сам да избере правилна одлука и главно тој го прави тоа. Безбедноста на улиците е задолжителна и децата што поскоро треба да научат за тоа – вели Флоренс.

Како што вели таа, детето е секогаш безбедно и надгледувано, но даден му е и простор за грешки за да научи од нив. Нејзините пријатели и нејзиното семејство ја поддржуваат во овој метод на воспитување.

Сепак, постојат луѓе што се критички настроени кон овој метод на воспитување и велат дека тоа е занемарување на детето, загрозување и лошо родителство. Флоренс се надева дека повеќе родители ќе го испробаат нејзиниот пристап и нагласува дека е потребно прво да се истражат сите методи и техники на Монтесори, а потоа да се избере вистинската.

Извор



912

X