Родителите веројатно немаат намера да ги разгалат децата, но се грижат за нив уште од почетокот кога се беспомошни доенчиња, што може да стане навика дури и кога децата ќе пораснат. Меѓутоа, како што растат, треба да ги охрабруваме децата да бидат независни и да не очекуваат од нас да ги задоволиме сите нивни потреби.

Некои се противат на идејата децата да се етикетираат како „разгалени“.

„Децата се однесуваат така како што ги учат. Не сакам да етикетирам ниту едно дете со негативен термин“, изјавил терапевтот Џеф Ју.

Сепак, не е добро децата секогаш да го добиваат она што го сакаат.

„Рагаленото однесување обично укажува на привилегии, без чувство дека тие се заслужени или се земаат здраво за готово. Исто така, кога зборуваме за разгалени деца, често ги сметаме за личности без емпатија“, објаснува психотерапевтот Мет Лундквист.

За да поттикнат позитивно однесување наместо разгалено однесување, експертите посочуваат кои навики треба да ги избегнуваат родителите.

Оправдувања или извинување во име на децата

Има смисла родителите да спомнат дека немирното бебе или малото дете кое штотуку почнало да оди е премногу изморено затоа што го пропуштило периодот за спиење, но како што растат децата, тие треба да бидат одговорни за своето однесување, дури и ако имаат лош ден. Лундквист препорачува родителите да не се оправдуваат за нељубезноста на нивните деца или да се извинуваат во нивно име.

Присилувањето на детето да се извини ретко води до искрено извинување, но брзиот, приватен разговор каде што ги прашуваме децата дали мислат дека тоа што го направиле е прифатливо и какви чувства тоа предизвикало кај другото лице, често може да поттикне искрено извинување.

Неспроведување граници или ограничувања

Родителите понекогаш попуштаат на барањата на своите деца затоа што избегнуваат да се соочат со проблеми. Иако ова може привремено да ја смири ситуацијата, може да предизвика сериозни проблеми за детето на долг рок, како што е лошата контрола на импулсите, објаснува Јо.

Доследноста е клучна додека децата ги тестираат границите. Важно е да останете цврсти во поставените правила, дури и кога е тешко. Можеме да ги потврдиме нивните чувства, но во исто време да ги охрабриме децата да ги почитуваат границите.

Заштита на децата од последиците на нивното однесување

Ако, на пример, детето се однесува лошо на училиште и добие казна, важно е да не се вклучите во процесот за да го поштедите детето од последиците, освен ако вашето дете не било дискриминирано. Ова може да му сигнализира на детето дека е посебно и дека нема потреба да ги следи истите правила како и другите деца и да го поткопа авторитетот на наставниците, или другите возрасни кои се грижат за него.

Толерирање или игнорирање на лошото однесување затоа што „децата се деца“

„Децата кои немаат доволно граници може да мислат дека не е важно да бидат љубезни или, уште полошо, дека се посебни и дека не треба да се трудат да бидат љубезни и грижливи“, истакнува Лундквист.

Иако е точно дека децата можат да бидат сурови или да се вклучат во малтретирање, тоа не значи дека за таквото постапување не треба да има последици, како и поддршка за повреденото дете.

Неконзистентна дисциплина

„Кога дисциплината неконзистентно се користи за да се подучуваат правилата, таа поттикнува конфузија за тоа што е и што не е прифатливо“, објаснува Јо.

Не е лесно, но држењето до границите и последиците долгорочно најдобро ќе им послужи и на децата и на родителите. Кога поставуваме граници или применуваме последици, треба да се погрижиме децата да разберат дека нивното однесување е она што не се одобрува, а не тие самите.

Кога воведуваме нова интервенција во однесувањето, како последица или правило, можеме да очекуваме некои почетни тешкотии, објаснува Лундквист.

„Децата, како и сите, не сакаат ограничувања и обично кога ќе се постави ограничување, тие ќе се повлечат“, објаснува Лундквист. Тој тврди дека ова може да биде предизвик, но родителите треба да останат силни во овие моменти и да запомнат дека иако поставувањето граници создава интензивен отпор, тоа не значи дека се работи за лоша идеја.

Од друга страна, некој може да слушне како ги фалиме нашите деца и да нѐ предупреди дека ги разгалуваме, но славењето на детските достигнувања не води до разгалено однесување.

„Не постои количина на пофалби и прегратки кои ќе го разгалат детето“, вели Лундквист. Тој нагласува колку е важно децата да сфатат дека се способни и за добри и за лоши постапки.

„Да ги разгалиш децата значи да им го олесниш животот, а не да ги поддржуваш и славиш кога се добри“, заклучил Лундквист.

Извор



912

X