Зимата е период на настинки и грип, па покрај чаевите и лековите, и етеричните масла можат да ви помогнат за побрзо оздравување.
Луѓето ги користат етеричните масла илјадници години, уште од времето на старите Египќани, Грци, Римјани и Индијци. Историските истражувања покажале дека Египќаните додавале етерични масла од билки во своите кремови за лице и коса, па се сметаат за првите ароматерапевти.

Сепак, модерен облик на ароматерапијата ѝ дал францускиот хемичар Рене Морис-Гатфосе во 1920 г., откако самиот си излекувал сериозна изгореница на раката со помош на етерично масло од лаванда, а потоа напишал труд за тоа. Всушност, тој и го вовел терминот ароматерапија.

Денес под тоа се подразбира контролирано користење на етерични масла со цел да се зачува здравјето на духот, телото и на умот. Секое етерично масло настанува како продукт на билките од коренот, кората, листовите, семките, плодовите или цветовите, па зависно од карактеристиките на одредена билка, тоа поприма одредени посакувани карактеристики што можат значително да ни помогнат.

Кога станува збор за користење етерични масла во студените денови, важно е да се внимава да бидат направени од оние билки што имаат силно влијание врз нашиот имунитет и општо здравје, па не е лошо да се имаат на ум и мирисите што преовладуваат во овој празничен период, како цимет, портокал или лимон.

Еве кои 5 етерични масла е најдобро да ги користите во овој период од годината и зошто:

Мента

Маслото од мента има голема концентрација и со тоа е посилно од многу други масла, па капка-две се доволни за да дејствува. Бидејќи во текот на студените денови сè повеќе престојуваме во суви простории каде што е вклучено греење, а влагата е изразено ниска, често се надразнети нашите дишни патишта.
Затоа, етеричното масло од мента е одлично во борбата против алергиите на сув воздух и прашина, но и како силно средство кое повторно ќе го направи прооден нашиот нос по настинка или грип. Освен тоа, многу помага против главоболка, а придонесува и за зголемување на нивото на енергија, кое често пати паѓа поради краткиот период на дневна светлина.

Лимон

Како и неговата верзија во облик на овошје, така и етеричното масло од лимон е многу вредно при настинка. Го олеснува процесот на дишење, ги одзатнува дишните патишта, ги намалува тегобите при астма и придонесува за подобрување на имунитетот. Тоа има силни антибактериски и антисептички својства кои помагаат во борбата со сезонските настинки, а стимулацијата на крвните клетки помага за подобрување на имунитетот.

Лаванда

Иако многумина не би помислиле на масло од лаванда кога станува збор за зимски мириси, лавандата со причина се нарекува кралица на етеричните масла. Нејзините својства силно влијаат на бронхитис, астма, хронична кашлица, инфекција на дишните патишта. Бидејќи е антибактериска и антисептична, совршена е за употреба во текот на зимските месеци. Освен тоа, има и смирувачки ефект кој лесно може да нè заспие, а токму тоа ни е подобро кога сме настинати – повеќе сон.

Оригано

Ориганото во свеста на многумина сè уште е само зачин кој го додаваме во јадењата, но никако не смееме да ги занемариме сите благодати на неговото етерично масло. Тоа уште во средниот век се користело за лекување разни инфекции, а докажано е дека дејствува против 25 вида бактерии.
Тоа е силен антихистаминик и антиоксиданс. Помага при отстранување на насобраниот мукус (лигава течност со бактерицидно дејство што ја лачат жлездите) во грлото и во носот, со што го олеснува дишењето и значително ги растоварува синусите. Исто така, добро е да се користи при воспаление на белите дробови заедно со пропишаните лекови.
Вреди да се спомене и дека помага во регулацијата на менструалниот циклус, како и за зачувување на здравјето на цревата.

Цимет

Вистинскиот зимски мирис на цимет е неизбежен овие денови во нашите домови. Сепак, освен што преубаво мириса и ни буди спомени на божиќните колачи и најфините штрудли од јаболка, етеричното масло од цимет е еден од најздравите продукти на светот.

Истражувањата покажале дека може да се бори против кандида и ешерихија коли, помага во борбата со дијабетесот зашто помага при рамнотежата на нивото на шеќер во крвта. Делотворен е во борбата против инфекции на респираторниот систем, а неговата редовна примена го стимулира имунолошкиот систем, поради што организмот е помалку подложен на бактерии и вируси.

Како да ги користите?

Кога станува збор за употребата на етеричните масла, постојат неколку начин на нивна примена. Можеме да ги втриеме во кожата, која ќе ги впие и ќе ги пренесе до клетките, може да ги користиме преку инхалација или, пак, во геловите за бањање, при што ќе дејствуваат на нашето дело и преку впивање во кожата и преку вдишување.



912

X