Пандемијата на Ковид-19 ги затвори училиштата и библиотеките низ САД, но една библиотекарка во Вирџинија смисли креативен начин за децата да продолжат да читаат, секако бесплатно.

Решението? Дронови ќе им доставуваат книги по сопствен избор до нивната врата.

Кели Пасек, библиотекарка во училиште во Монтгомери, ја создаде услугата за достава со помош на беспилотни летала за нејзиниот град Кристијансбург. Лансиран од компанијата „Винг“, пилот-проектот веќе извесно време доставува оброци и производи во различни домаќинства.

Не било потребно долго време за Кели да ја добие идејата и да види како оваа технологија може да им биде од полза на децата од нејзината заедница.

– Мислам дека децата ќе бидат воодушевени кога ќе откријат дека се први во светот што добиваат книги од библиотека со помош на дрон – вели Кели.

Комерцијалното доставување со помош на дронови се користи веќе неколку години, при што извршниот директор на „Амазон“, Џеф Безос, демонстрира прототип во 2013 година.

„Винг“, која стана прва компанија за испорака со беспилотни летала што доби сертификат од Федералната управа за воздухопловство за да може да работи како авиокомпанија во САД, доставувајќи пакети со тежина до 3 килограми во Вирџинија уште од 2019 година, работи и во Хелсински, Финска, и во два австралиски града.

Она што е возбудливо за новиот проект во Вирџинија е тоа што дроновите ќе поддржуваат социјално добро: ширење на знаење и зголемување на пристапот до образовни ресурси.

Кели се надева дека оваа нова испорака ќе помогне децата да бидат уште повозбудени кога станува збор за книгата.

Извор



912

X