Мајките што ги доеле децата повеќе од шест месеци имале речиси 4 сантиметри потенка половина во споредба со мајките што по шест месеци или порано престанале со доење. Мајките што подолго доеле имале и потесен обем на колковите.

Доењето е еден од најголемите предизвици во мајчинството, но има и свои предности. Сите знаеме дека мајчиното млеко е течно злато. Ги содржи сите есенцијални хранливи материи и антитела, со што ја гради природната одбрана на бебето од вируси и бактерии што предизвикуваат болести.

Доењето не е добро само за бебињата, туку и за мајките! Еден од најнепосредните бенефити за мајките кои само што се породиле е што доењето помага при враќањето на матката на природна големина. Затоа и не е чудно што има и траен ефект врз половината на жената.

Истражувачите од Универзитетот во Питсбург и Државниот универзитет „Мичиген“ опфатиле речиси 700 жени кои учествувале во студијата „Резултати од бременоста и здравјето во заедницата“. Тие ги следеле мајките од 7 до 15 години откако се породиле.

Резултатите што биле објавени во списанието „Џурнал оф воменс хелт“ покажале дека мајките што ги доеле своите бебиња повеќе од 6 месеци имале за речиси 4 сантиметри потенка половина од мајките што доеле помалку од 6 месеци. Мајките што подолго ги доеле своите деца имале и потесен обем на колковите.

Истражувачите ги имале предвид и возраста, расата и етничката припадност, компликациите во бременоста, социоекономскиот статус и факторите на здрав начин на живот.

Студијата исто така открила дека мајките што ги доеле своите бебиња имале и помал индекс на телесна маса (БМИ) и понизок систолен и дијастолен притисок. Истражувачите сугерирале дека мајките што дојат се посвесни за здравјето, бидејќи веруваат дека она што го консумираат преку мајчиното млеко му го пренесуваат на своето дете.

Промените на телото во текот на бременоста влијаат и врз натрупувањето на масното ткиво на стомакот, што може да доведе до кардиометаболички проблеми во подоцнежниот живот.

– Постојат краткорочни бенефити за мајката – килограмите што по бременоста најмногу ги вознемируваат жените. А постојат и долгорочни бенефити за здравјето на мајката – изјавила Џенет М. Катов, вонреден професор по гинекологија и акушерство на Универзитетот во Питсбург за „Њујорк тајмс“. Меѓутоа, сите мајки треба да го запомнат ова – истражувањето не гарантира дека ако го доите бебето 6 или повеќе месеци, ќе имате половина од 60 сантиметри. Постојат и други фактори за управување со телесната тежина по породувањето, од исхрана до вежбање.

Иако сите знаеме дека не треба да се концентрираме на обемот на половината и на колковите (иако сите признаваме дека тоа ни е важно), она што заслужува внимание е дека доењето може да биде превентивна мерка кај кардиоваскуларните и метаболичките долготрајни здравствени проблеми кај мајките.

 



912

X