За сите дечиња што живееле кај нив ни раскажуваше со возбуда и со многу мерак. Сите ги мисли и на сите им посакува само благодати во животот

Пред 20 години наша комшивка згрижи детенце и го чуваше осум месеци. Многу се зближивме. Го оставаше кај нас да го причуваме, синот и ќерката си играа со него иако веќе не беа деца… Го засакавме и ние него, и тоа нас. Тогаш, прекрасното девојченце, а сега возрасна девојка, беше клучно да се решиме и ние да згрижиме дете. Не погрешивме. Сега ни еден ден не би можеле ако нема дете дома, раскажува 58-годишната Снежанка Синадиновска, која заедно со сопругот Киро веќе 20 години згрижува деца без родителска грижа.
Во селото Долни Манастирец, кај Македонски Брод, во домот на Снежанка и Киро љубов и топлина добиле шест дечиња без родителска грижа. Од нив четири се посвоени, а во моментов се грижат за 26-годишна девојка со попреченост и за девојченце кое треба да тргне на училиште.
– Ја запишавме на училиште. Ако не биде посвоена, ќе си оди тука кај нас на школо. Многу е бистра и мила – вели Снежанка.

На три години ни зборуваше ни одеше, ама…

Топлата душа ѝ се чувствува и во гласот. За сите дечиња што живееле кај нив ни раскажуваше со возбуда и со многу мерак. Сите ги мисли и на сите им посакува само благодати во животот.
– Синот и ќерката имаа 17 и 19 години кога почнавме да згрижуваме деца – раскажува таа.
Првото детенце што го зеле на чување кај нив останало 4 години.
– Беше од домот во Битола. На три години, колку што имаше кога го зедовме, ниту зборуваше ниту одеше. Не знам дали ќе ми верувате, ама за два месеца кај нас и прозборува и прооде. Ништо посебно не му дававме, на пример, лекови. Едноставно го чувавме, се грижевме за него како што се грижевме и за нашите родени деца. Кога го донесоа, испушташе само гласови. Потоа, слушајќи ги синот и ќерката, почна прво да вика ма-мо. За брзо време почна нормално да си зборува – вели Снежанка.
Второто било девојче. Го прифатиле кога имало две години и два месеца. Девојчето не одело, не зборувало и не сакало контакт со луѓе.
– На почетокот кога ја гушкав, таа ме туркаше. Едноставно не сакаше луѓе. На две години имаше само 4 запчиња. И почнавме полека. Зборувавме, ја милував. Ќе ја помилувам, па ќе ѝ го фатам рачето за и таа да ме погали по лицето. И така за 4 месеци детето се промени. Почна да се гушка, почна да зборува и да оди. Ја чувавме една година и два месеца – раскажува Снежанка.

Силно како чеканче

Третото, момченце, стасало кај нив кога имало 2,5 години. Детето одело, но не зборувало.
– Ако првите две беа нежни, третово беше силно, малечко, ама како чеканче. А, сите беа многу мили. Девојката што сега ја чувам е малку бунтовна. Таа е четвртото дете што ми го донесоа. Дојде откако претходните три веќе ги посвоија семејства, па чекавме две и пол години. Кога ја донесоа имаше 13 години. Таа е дете со попреченост. Не знам што се случувало, дали била малтретирана… Имаше лузни по телото. Срцето ми се кине, не можам да ви опишам. Не разбирам како може некој нешто такво да му направи на дете. Ја чуваме веќе 13 години – вели.

Сите деца носат по еден дел од нас

Во домот на Снежанка и Киро растело и момченце кое кога првпат го виделе, на осум месеци, имало 3.200 грама.
– За еден и пол месец со сопругот го направивме речиси 12 килограми –  се смее таа.
Детето проодело на 10 месеци, му се развил говорот и одлично напредувало.
– Го посвоија пред да тргне во школо – додава таа.
Последното дете што стасало кај Синадиновски е девојчето што уште го чуваат и сега ќе оди во прво одделение.
– Кога го донесоа, на 4 години, ми рекоа дека има церебрална парализа. Со сопругот ја однесовме на прегледи и ги направивме сите рекатегоризации. Нема церебрална парализа. Ништо. Еве ја сега, кукла, прекрасна. Интелигентна е, одлично се развива…

Инаку, Киро е пензионер, а Снежанка е стечаец. Имаат пет внучиња.
– Внучиња се дружат со овие дечиња кога доаѓаат. Љубовта, јас велам, е од нив за нив, многу ги сакам. Едноставно, сакаме деца. Само еден ден да сме без деца, ние нема да издржиме. Најтешко е кога ќе дојде време некој да го посвои детето што го чуваме. Не се опишува. Но нека се сите живи и здрави, нека ги следат среќа и многу убавини во животот. Тоа велам и тоа им го посакуваме. Сите деца носат по еден дел од нас.



912

X