Кога бебето ќе се роди, родителите ќе добијат безброј совети, особено ако е прво во семејството. Пријателките на мајката ќе ѝ кажуваат едно, а кумата ќе тврди дека баш тоа не треба да се прави, па двете баби ќе кажуваат совети бидејќи тие, се разбира, знаат најдобро. Секоја од нив е одлична мајка, но за своите деца, па затоа убаво заблагодарете им се на нивните добри намери, гледајте го своето дете и слушајте ги неговите потреби и желби.
Грешите! Па што? Тоа е дел од родителството. Нема да бидете ни први ни последни родители што не сфатиле веднаш што треба, а што не треба да се прави. Еве неколку најчести грешки…

1. Чување на бебето во стаклено ѕвоно

Добрата хигиена е исклучително важна, особено во првите недели од животот на бебето, но тоа не значи дека секоја работа што доаѓа во контакт со него треба постојано да ја бришете со алкохол, ниту пак секојпат да ги стерилизирате шишињата на бебето, цуцлата, приборот за јадење… Ако претерате, може да си направите уште поголеми проблеми бидејќи детето нема да го развива имунитетот. Ова, се разбира, не се однесува на првите неколку недели на предвремено родени бебиња бидејќи тие се подложни на инфекции и нивниот одбранбен механизам се развива побавно.

2. Да не е премногу топло во просториите каде што се наоѓа бебето

Точно е дека организмот на бебето во првите недели е почувствителен и не треба многу тенко да го облекувате за да не настине, но тоа не значи ни премногу да го облекувате. Ќе почне да се поти, а тоа го зголемува ризикот за фаќање настинки поради промена на температурата. Во просторија каде што температурата е од 20 до 23 Целзиусови степени, на бебето ќе му бидат доволни памучни шпилхозни. Ако забележете дека рацете на бебето или стапалата му се ладни, облечете го потопло, а ако се поти кај вратот или во пределот на главата, ослободете го од вишокот облека.

3. Одење на прсти и дење и ноќе

Одењето на прсти, исклучувањето на телефонот и на сите уреди не е препорачливо бидејќи на бебето ќе почне да му пречи и најмал шум. Кога ќе направи еден и пол месец, циклусот на спиење кај бебето се менува и почнува да се приспособува на периодите на светлина и темнина во текот на денот. За време на дневното спиење на бебето, тоа треба да се навикне на нормалните звуци од околината.

4. Секојдневно бањање

Секојдневното бањање и користењето различни производи за бањање го отстрануваат заштитниот слој на кожата и таа станува почувствителна. Доволно е бебето да го бањате секој втор ден и по секое менување на пелената бришете му го задникот со влажни марамчиња или со влажен сунѓер.

5. Терање инает на бебе што плаче

Тукушто родените бебиња секогаш плачат поради некоја причина – или се водени, или им е ладно или топло. Тие се премногу мали за да манипулираат, па затоа кога ќе почнат да плачат, веднаш земете ги в раце и смирете ги. Така, бебето ќе стекне доверба во своите родители бидејќи тие на тој начин ќе му покажат дека се тука кога му се најпотребни.

6. Запоставување на сопствените потреби

Многу мајки се трудат веднаш по породувањето да бидат дотерани, одморени, весели, насмеани, да најдат време за останатите членови од семејството и за пријателите, иако не им е до тоа. Варијациите на расположението се нормални, како и заморот, па би било добро да си посветите време на себе и на своите потреби, а очекувањата на другите луѓе да ги оставите настрана барем додека не се воспостави хормонска рамнотежа.

Ако се силите дека сте добро дури и кога не се чувствувате така, од страв дека другите ќе ве карактеризираат како мајка што не е доволно посветена на своето дете, лоша сопруга, ќерка или другарка, ќе ја изгубите енергијата и ќе се чувствувате лошо. Природно е да чувствувате страв, нормално е да не се чувствувате подготвено за сето она што мајчинството го носи со себе и сосема е во ред да побарате помош од своите најблиски, особено во првите недели по доаѓањето од болницата.
Само бидете нежни кон себе, слушајте го бебето и неговите потреби, но и себеси и ритамот што вас ве задоволува.



912

X