Здравје

Слободата на избор е наша најголема моќ, порачува психологот Ирена Христова

Времето во кое денес живееме е време на многу можности и предизвици. Животот денес е многу посложен, постресен за разлика од минатото и потребно се повеќе енергија и стабилни ментални капацитети за да можеме адекватно да одговориме на секојдневните активности.

Денес се соочуваме со предизвици и проблеми кои пред деценија или две биле речиси незамисливи и тие влијаат и врз нашата ментална благосостојба.

Во мојата работа како психолог во здравство секојдневно сум во контакт со многу личности кои низ своите животни приказни сведочат за најразлични животни предизвици со кои се соочуваат. Генерално, присутен е впечатокот дека голем дел од луѓето се зависни од општественото опкружување, односно од „општествената клима“. Па така, кога луѓето ги третираат добро, тие се чувствуваат добро, и обратно – кога се третирани лошо, тие стануваат дефанзивни или воздржани. Тоа се лица кои своите емоционални штитови ги градат во зависност од однесувањето на другите, охрабрувајќи ги на тој начин другите луѓе да ги контролираат. Сè почесто наместо по сопствени вредности, луѓето се поведуваат по емоциите, околностите и опкружувањето и затоа најчесто се незадоволни од својот живот.

Мораме да го прифатиме фактот дека ние сме одговорни за нашиот живот и доколку сакаме да го промениме сопствениот живот, мораме да се промениме себеси.

Инспиративен е цитатот на Мерлин Фергусон кој гласи: ,,Никој никого не може да го убеди во тоа да се промени. Секој од нас ја поседува капијата на промената која се отвора само однатре. Туѓата капија не можеме да ја отвориме ниту со аргументи ниту со помош на емоции.“

Според Виктор Франкл, постојат три централни вредности во животот: искуството (она што ни се случува), креативноста (она со што го збогатуваме својот живот) и ставот или нашата реакција на тешките ситуации. Најголемата од овие три вредности е последнава, значи ставот или парадигмата, односно начинот на решавање на проблемите. Со други зборови, најважно е како ние реагираме на тоа што ни се случува во животот. Помеѓу поттикот и реакцијата лежи нашата најголема моќ, а тоа е слободата на избор. Не станува збор за тоа што ни се случува, туку за нашата реакција на тоа што ни се случува и што нè повредува. Всушност, ние можеме најтешкото искуство да го прифатиме и да стане средство за обликување на нашиот карактер и за развивање на внатрешната моќ, слобода во иднина да ги поднесеме тешките околности и да ги инспирираме другите да го сторат истото. Во рамките на слободата на избор постојат способности кои го прават човекот единствен, и тоа се: самосвеста, совеста, фантазијата и слободната (независна) волја.

Слободата на избор подразбира дека ние сме ,,капетанот“ кој управува со својот „брод“. Алберт Ајнштајн тврдел: „Значајните проблеми со кои се соочуваме не можат да се решат на истото ниво на размислување на кое сме биле кога сме ги создале.“ Тоа подразбира дека нам ни треба ново ниво, повисоко ниво на размислување кое тргнува од пристапот однатре-нанадвор. Тоа е карактерниот пристап кој значи почеток на работа, пред сè, на себе, на својот раст и развој.

Со други зборови, доколку сакате да имате среќен брак, тогаш бидете добра личност која ја генерира позитивната енергија, а ја одбегнува негативната и никако не ја охрабрува. Доколку сакате да имате дете кое е попримерно и поподготвено на соработка, бидете родител со повеќе разбирање, сочувствителност, упорност и со љубов. Доколку сакате да ви веруваат, бидете доверлива личност. Пристапот одвнатре-нанадвор значи дека одржувањето на ветувањата дадени себеси понатаму води кон одржување на ветувањата дадени на другите. Тоа, исто така, значи дека залудно е личноста да се става над карактерот и да се прават обиди да се подобрат односите со другите пред да го подобрите оној со себеси.

Најискрено ве повикувам да ја отворите капијата на промената и да растете, бидете трпеливи. Не постои поголема инвестиција од инвестицијата во личниот раст и развој и нема похрабар факт од тоа дека човекот има способност и може со свесни напори да го унапреди својот живот.

Автор: Ирена Христова, психолог

Деца.мк е поддржувач на Денови на психологијата 2021, организирани од Комора на психолози.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top