Специјализиран уред за вид ѝ овозможил на речиси слепа жена од Гуелф, Онтарио, да направи нешто што многу родители го земаат здраво за готово – да го види своето бебе по раѓањето.

На Кети Битс (29) ѝ била дијагностицирана болеста старгардт, генска состојба која предизвикува макуларна дегенерација. Болеста ѝ била дијагностицирана на 11-годишна возраст. Додека имала слаб периферен вид, развила слепа точка во центарот на нејзиниот видик и сега гледа само матни слики и недефинирани облици. Но, добила шанса да го види својот син Аксел, кој сега има само неколку недели, а тоа искуство ѝ го овозможила компанијата „еСајт“, која креирала уред сличен на очила.

– Во моментот кога ги добив очилата, бев подготвена веднаш да ги ставам. Можев да видам дека ги има стапалата и прстите на мојот сопруг, а дека ги има моите усни. Мојот сопруг и јас можевме да го видиме нашето бебе и да се поврземе со него, а и да се вљубиме – рекла Кети.

Уредот има видеокамера што е поставена на мостот кој се наоѓа над носот. Сликите што ги регистрира камерата се проектираат во екрани кои се поставени во регионот пред очите.

– Нивните очи всушност перципираат повеќе кога гледаат во екран отколку со очите – рекол Тејлор Вест, портпарол на компанијата.

Уредот нема да им помогне на лицата што воопшто не гледаат, но може многу да им помогне на оние што имаат различни нарушувања на видот. Корисникот може да ги намести контрастот, сјајот и сенките во зависност од неговата желба, додава Вест.

– Гледам поубаво со послабо светло. Исто така, користам повисок контраст со бела боја на црна заднина вели Кети.

Уредот е претставен во 2013 година, а се продава по цена од 15 илјади долари. Компанијата има оддел кој собира донации за да им помогне на луѓето што сакаат да го купат уредот. Тука се вклучени платформи за собирање пари, апликации за грантови и новата кампања фокусирана на приказната на Кети (#MakeBlindnessHistory).

фотоизвор: Youtube screenshoot

Кети треба да плати за својот уред, а за тоа ѝ помага нејзината сестра Ивон Феликс, која е вработена во компанијата „еСајт“.

– Работев многу на иницирањето донации за луѓето со оштетен вид, па не сакав и мојата сестра да не го види своето прво дете и да го пропушти тоа искуство – рекла Ивон, која ја има истата состојба како сестра ѝ.

– Како лице што исто така има нарушување и има две деца, таа знае каква е борбата кога човек нема доволно вид. Беше непопустлива и истрајна за да ми ги набави очилата, па сега кога ги имам, можам да доживеам сè што таа не можела. Бев многу возбудена кога ги добив. Знаев дека ќе можам да му читам книги на моето дете… тоа ми даде голема независност во однос на моите родителски вештини – вели Кети.



912

X