Последниве денови дознавме дека Еди Марфи го очекува своето десетто дете. Актерот познат по улогата во филмот „Полицаецот од Беверли Хилс“ одамна е на листата на славните личности со најмногу потомци

Многумина од славните личности што имаат многу деца не му биле верни на партнерот, но има и такви што цело време издржале со една личност. Некои, како Анџелина Џоли, Бред Пит, Мадона и Миа Фероу, имаат повеќе посвоени деца отколку деца на кои им се биолошки родители, но рекордерите сепак се спортисти, поточно боксери. Мајк Тајсон, Мухамед Али и Ивандер Холифилд заедно имаат дури 28 наследници.
Стиви Вондер и Џејмс Браун добиле по девет деца, пионерот на соул-музиката Реј Чарлс бил во брак само двапати и во тоа време добил три деца, но имал дури девет вонбрачни деца со разни жени.

Еди Марфи

Пејџ Бачер, 39-годишната австралиска манекенка и десет години постариот актер пред две години го добиле своето деветто дете, ќерката Изи Уна Марфи. Еди веќе ги има ќерките: 28-годишната Бриа, 23-годишната Шејн, 18-годишната Зола и 16-годишната Бела од бракот со Никол Марфи, со која се разведе во 2006 година, по 22 години заеднички живот.
Тој ја има и 11-годишната ќерка Енџел од врската со Мел Б., членката на групата „Спајс грлс“, како и синовите: 25-годишниот Мајлс од врската со Никол, 29-годишниот Ерик од врската со Полет Мекнили и 27-годишниот Кристијан од врската со Тамара Худ.

Клинт Иствуд

Од шпагети-вестерните во 60-тите години до „Оскарот“ за режија 50 години подоцна, Клинт Иствуд им е омилен лик на љубителите на филмот. Но, приватниот живот на легендарниот актер и режисер, кој се прослави со вестерн-филмот „Добар, грд, лош“ или во акциските филмови како „Валканиот Хари“, бил многу бурен. Иако веќе во младоста станал познат како „сериски женкар“, немал многу среќа со жените. Клинт се женел двапати, но има седум деца од врските со пет жени. Дополнително, му се припишуваат и врски со актерките Катрин Денев, Џил Банер, Џејми Роуз, Ингер Стивенс, Џо Ен Харис, Џин Сиберг, сценаристката Мегн Роуз, како и пливачката Анита Лоест.
Најстарата ќерка на Иствуд е родена во 1964 година, а најмладиот Морган во 1996. Иствуд контактира со сите деца, и денес сите зборуваат сè најдобро за него. Синот Скот, кој е актер, вели дека татко му го научил за вредноста на парите, а Кајл, кој е музичар, вели дека го научил дека напорната работа на крајот секогаш се исплатува.

Мик Џегер

Откако стана славен пред половина век, Мик Џегер бил во многубројни врски со повеќе или помалку познати жени. Има седум деца со четири жени: со Марша Хант, со која имал кратка врска во 1970 година, ја добил ќерката Карис. Со првата сопруга Бјанка Џегер ја има ќерката Џејд Шина Џезабел, а со Џери Хол има четири деца, ќерките Елизабет Скарлет и Џорџија Меј Ајша и синовите Џејмс Лирој Аугустин и Гебриел Лук Борегард. Со Лусијана Хименез има син кој се вика Лукас Морис Морад. Подостарениот рокер има и пет внучиња, а прадедо стана на 19 мај 2014 година кога ќерката на Џејд, Асиси, роди син.

Мадона

Мадона пред 11 години го посвои момчето Давид Бандо, а девојчето Мерси Џејмс во нејзиниот дом стигна пред девет години. Ќерката Лурдес ја доби со танчарот Карлос Леон, а 16-годишниот син Роко го има од бракот со режисерот Гај Ричи. Минатата година нејзиното семејство стана побогато со две девојчиња од Малави, близначките Естера и Стела.
– Моите деца знаат да бидат многу брутални кога нешто не им се допаѓа. Воопшто немаат такт. Веднаш велат: „Мама, гаси го тоа!“ Тоа понекогаш знае да заболи, но барем се искрени – изјави кралицата на поп-музиката на темата колку нејзините деца се критични кон музиката што таа ја создава.

Фото: Profimedia

Анџелина Џоли

Светот на свој начин ја сакаше „Бранџелина“: актерите Анџелина Џоли и Бред Пит имаа барем шест причини за брачна среќа, а тоа се нивните три посвоени и три биолошки деца. Сето тоа падна во вода по разводот.
Моментално водат битка околу старателството над децата, на која не ѝ се гледа крајот. Двојката има три ќерки и три сина: 16-годишниот Медокс, 14-годишниот Пакс, 13-годишната Захара, 12-годишната Шило, како и деветгодишните близнаци Вивиен и Нокс.

Мел Гибсон

Американско-австралискиот актер, режисер и продуцент Мел Гибсон има девет деца со три жени. Со првата сопруга Робин во текот на 26-годишниот брак добиле дури седум деца: ќерката Хана и синовите Едвард, Кристијан, Вилијам, Луис и Мил, кои денес се возрасни луѓе, како и 18-годишниот Томас. Потоа Гибсон бил во врска со руската пијанистка Оксана Григориева, со која ја добил ќерката Лусија, која денес има 8 години. Потоа со новата, 35 години помлада партнерка, сценаристката Росалинд Рос, доби уште едно дете, синот Ларс Жерард Гибсон, роден во јануари 2017 година.

Стивен Спилберг

Со шест наследници може да се пофали и оскаровецот Стивен Спилберг. Со првата сопруга, актерката Еми Ирвинг, со која бил во брак од 1985 до 1989 година, го добил синот Макс Семјуел. Со втората сопруга, актерката Кејт Кепшо, со која е во брак од 1991 година, добил три биолошки деца. Двојката посвоила и ќерка, а режисерот го прифатил и синот на сопругата што го посвоила пред да се омажи за него. Режисерот, сценарист и продуцент, еден од најважните, најдобрите, најпопуларните и највлијателните луѓе на филмската индустрија, често говори колку децата се важни во неговиот живот и во своите филмови често вметнува елементи кои на некој начин се поврзани со нив.

Марлон Брандо

Еден од највлијателните американски актери на 20 век бил магнет за жените. Марлон во дваесетминутниот документарен филм преполн со лични исповеди „Listen to me, Marlon“ призна дека со години страдал од ненаситен сексуален апетит, дека бил „ѕвер“ и дека „жените му влегувале низ врата, а излегувале низ прозорец“.

– Бев млад и предодреден своето семе да го ширам нашироко и на големо – изјави тој. Се оженил трипати. Неговиот прв брак со актерката Ана Кашфри траел само две години, по што се венчал за Мовита Кастонада. И тој брак брзо пропаднал, а потоа се смирил покрај актерката Тарита Терипаија. Имал 11 биолошки и 4 посвоени деца.

Боб Дилан

Американскиот кантавтор и првиот музичар со Нобелова награда за книжевност зад себе има многу љубовни афери кои му биле инспирација за неговите најубави песни. Со Сара Лаундс го добил синот Џеси Бајрон, кој денес е режисер и сопственик на продукциската куќа „Вондрос“, а на свет дошле и Ана Леа, Семјуел Ајзак Абрахам и во 1969 година – Џејкоб Лук, денес исто така познат музичар, фронтмен на бендот „Wallflowers“. Ја посвоил Марија, ќерката од првиот брак на Сара Лаундс, а со пејачката од придружниот бенд, Керолајн Денис, ја добил ќерката Дезире Гебриел, на која ѝ е посветен албумот „Under the Red Sky“.

Роберт де Ниро

Во привилегираното друштво на холивудски семејства со многу деца се вбројува и актерот Роберт де Ниро. Со првата сопруга добил син и ја посвоил нејзината ќерка од претходната врска. По разводот од долгогодишниот брак, со Тонки Смит со вештачко оплодување добил близнаци. Но ни таа врска не се одржала, па во вториот брак со сопругата Грејс Хајтауер добил син. Во 1999 година се развел и од неа, а пет години подоцна се смириле, ги обновиле заветите и ја добиле ќеркичката Хелен, од сурогат-мајка.

Кевин Костнер

Славниот актер во 1978 година се оженил за Синди Силва, со која има три деца: 33-годишната Ен, 31-годишната Лили и 30-годишниот Џозеф, а од кратката врска со Бриџет Руни го има и 21-годишниот син Лиам. Со втората сопруга ги има 10-годишниот Кајден, 8-годишниот Хејс и 7-годишната Грејс.

Мухамед Али

И Али имал своја слаба точка, а тоа биле убавите жени кои неретко животот му го правеле хаос и поради нив му останале трајни и длабоки лузни. Со пет жени има девет деца и посвоен син, но низ САД има лица што тврдат дека токму Али им е татко. Сите негови деца се снашле и добро го искористиле неговото име, освен Мухамед Али Џуниор, кој сега има 43 години.

Чарли Чаплин

Освен што бил вистински мајстор на актерската игра и пример на многу генерации комичари, бил познат и по бурниот љубовен живот. Имал многубројни афери, четири пати бил во брак и имал 11 деца.
Сопругите на Чаплин биле и по 30 години помлади од него. Неговата ќерка Џералдина, следејќи ги неговите чекори, стана актерка.

Вили Нилсон

Кантри-легендата Вили Нилсон се женел четири пати и имал седум деца. Сепак, синот Били, роден 1958 година, починал во 1991. Првото дете – ќерката Лана ја добил во бракот со Марта Метјуз во 1953 година.

Боб Марли

Славниот реге-пејач, роден на Јамајка, имал многу жени, од јамајската убавица до габонската принцеза Паскалина Бонго, за која урбаните легенди велат дека е заслужна за неговиот прв концерт во Африка. Марли има 11 деца. Во 1966 година се оженил со Рита Андерсон, но во исто време имал деца и од други жени. Така добил три деца на крајот на април и почетокот на мај 1972 година. Првиот син, Стивен Марли, неговата сопруга Рита го родила на 20 април 1972 година, а другите две деца се родени на 16 и 19 мај истата година. Првиот добил име Роберт, а Боб го добил со жена која се викала Пет Вилијамс. Другиот син, Роан, му го родила Џенет Хант.

Стинг

Еден од најпознатите музичари на светот има шест деца од два брака. Тие ретко го гледаат својот татко бидејќи постојано е на патувања и турнеи. „Не можам да кажам дека сум добар татко. Јас повеќе сум патувачки музичар отколку родител. Но секоја своја обврска, особено родителската, ја сфаќам многу сериозно, што значи дека кога им требам на децата, секогаш сум тука за нив“, изјави тој. Две деца добил во бракот со Френсис Томелти, а останатите му се од бракот со Труди Стајлер.

Миа Фероу

Со три биолошки деца со композиторот и диригент Андре Превин и едно од врската со Вуди Ален, американската актерка е мајка на 14 деца, другите се посвоени.
„Никогаш не мислев дека ќе ги имам толку. Мислев дека ќе имам едно дете, евентуално две, а веднаш добив близнаци. Се чувствувам исполнето додека се грижам за своите деца и ги посвојувам оние со посебни потреби“, изјави актерката. За жал, три деца ѝ починале затоа што при посвојувањето биле во тешка состојба.

Род Стјуарт

Британскиот музичар Род Стјуарт има осум деца со пет жени. Осмото дете е родено во 2011 година, кога пејачот имал 66 години. Ќерката Сара, родена во 1963 година, била дадена на посвојување пред Стјуарт да стане славен. Најмалото дете, Ејден, пејачот го добил откако неговата 46-годишна сопруга Пени Ланкастер била на вештачко оплодување. Тогаш Стјуарт изјавил дека му се доста наследници.
Тој вели дека да се биде родител е најгордото, но и најскапото чувство на светот, а неговото богатство се проценува на над 200 милиони долари. „Не можам да имам повеќе деца. Инаку ќе одам на турнеи додека не наполнам 90 години“, на шега вели 73-годишната британска музичка легенда. Канцеларијата е затворена.

Ивандер Холифилд

Легендарниот американски боксер Ивандер Холифилд ја завршил кариерата на 51-годишна возраст и станал боксер со најдолг професионален стаж. Има вкупно 11 деца, три од првиот брак, едно од вториот, две од третиот и пет деца од вонбрачни врски со четири жени. Луксузниот живот, коцкањето и единаесетте деца го чинеле речиси целиот имот. „Соочувањето со сите мајки на моите деца – овде нема победи, луѓе, нема победи воопшто. Немав пари да плаќам адвокати, морав да се борам на суд, и тоа не беше лесно“, изјави боксерот.

 



912

X