Јас бев задолжена за мотање наоколу со многу широка насмевка на лицето. Можеби нашата софра не беше како во домовите на поимашливите семејства, но на ниеден дочек не му недостигаше вистинска радост, многу љубов и силни прегратки, вели Слаѓана Вујошевиќ, односно Биби од „Светот на Биби“

Сите негуваме спомени од празниците од нашето детство. На некој прва асоцијација за Нова година му се новогодишните вечери поминати со семејството и филмски маратон, од кои неизбежен е филмот „Сам дома“. На други – отворање на подароците, кифлички и руска салата, мирис на цимет, изненадување од Дедо Мраз, односно некој од семејството облечен во костимот и уште многу, многу симпатични спомени се уредно спакувани во нашата меморија.

Актерката Слаѓана Вујошевиќ, најпозната по ликот на Биби од „Светот на Биби“, писателот Петар Андоновски и пејачката Јана Бурче ни споделија какви спомени имаат од нивното детство.

Слаѓана Вујошевиќ: Бев задолжена за мотање наоколу со широка насмевка

Имав среќа да растам во скромен, но навистина многу топол дом. За новогодишните празници, главен организатор беше мајка ми, која е вистински експерт за китење на домот во најубави бои. Елката беше секогаш натежната што од вистински што од умешно импровизирани лампиони. Рафтовите и масичките беа украсени со шарени реси, лентички и светилки, а терасата… е таа блескаше дури и до кејот на Вардар, кон кој гледа нашиот стан. Сепак, ми се чини она на што секогаш ѝ се восхитував е како успеваше да направи интересни приказни од налепници на прозорците. Татко ми, од друга страна, беше задолжен за пазарење, помагање околу чистењето и, се разбира, ако е потребно преуредување, за да се најде соодветно место за елката. А јас, јас бев задолжена за мотање наоколу со многу широка насмевка на лицето. Можеби нашата софра не беше како во домовите на поимашливите семејства, но на ниеден дочек не му недостигаше вистинска радост, многу љубов и силни прегратки!

Најголемата возбуда ја чувствував во моментите на подготовка на писмото до Дедо Мраз, се разбира. Тоа мораше да биде напишано на убав чист лист со јасно читлив ракопис. Секогаш го оставав под елката, ама со сигурност дека вратата од терасата е отворена за, нели, да може да си влезе човекот. Побарувачката од година на година се менуваше, од некој модел на барбика до некои модерни чизми кои веќе ги носи некоја другарка. Со текот на годините сфатив кои се посредниците на Дедо Мраз, па шеретски им испраќав поздрав со желба за здравје и љубов.

Најмногу се сеќавам на новите години кои ги дочекувавме со едни драги пријатели на моите родители. Постариот син беше задолжен да се облече како Дедо Мраз за да нѐ израдува мене и нивната помала ќерка, кога полурасонети одевме да видиме што се крие под елката! Како што потпораснавме, и ние си лепевме бели бради на лицата и позиравме во смешни пози пред апаратот. Овие фотографии до ден-денес ми будат широка насмевка на лицето. Омилено јадење…Навистина имав среќа ниеден пречек на Нова година да не ми помине без руска салата и кифлички. Тоа ми беше омиленото јадење и сметав дека не може Нова година без тоа. Но, како што растев, почнував да сфаќам дека Нова година на некои дечиња им минува не само без вкусни јадења, туку и без многу други основни потреби! Затоа, некако со годините новогодишната еуфорија сѐ повеќе ми се испреплетува со длабока тага поради знаењето дека не секому му е убаво и топло во домот во зимските денови. Најмалку што можам да направам е заедно со најблиските да подготвиме новогодишни пакетчиња со кои изнудуваме искрени насмевки на дечињата на улиците. И ги охрабрувам сите што уживаат во новогодишните подготовки, да одвојат малку од својата среќа и да ја споделат со оние што не можат сами да си ја дозволат!

Петар Андоновски: Колку честитки ќе добијам и дали сум им пратил на сите?

Првa слика: Сандаче за честитки направено од кутија за чевли, обложено со светкава хартија и излепено со памукчиња кои треба да го симболизираат снегот. И чувството на неизвесност помешано со грижа на совест, колку честитки ќе добијам и дали сум им пратил на сите.

Втора слика: Неколку часа пред Нова година стоиме заглавени помеѓу третиот и четвртиот кат во лифт во „Сума“. Во лифтот има уште едно семејство кое исто така тргнало на прослава. Не се познаваме. Лифтот мириса на кифлички и на сарми. ,,Можеби со сајла ќе треба да ве вадиме“ – се слуша глас однадвор. А јас посакувам да останеме и таму да ја дочекаме Новата година.

Трета слика: Од креветот гледам дека покривите се натрупани со снег. Се радувам. Но и понатаму лежам. Прв ден од годината е.

Четврта слика: Пред елката стојат наредени чоколадни дедомразовци кои татко ми ги донесе од Крит. Во Куманово не можат да се најдат такви. Гостите што ни доаѓаат ги гледаат со воодушевување. „Стрпете се до Нова година и потоа ќе ги јадете” – вели мајка ми. Со сестра ми скришно ги отвораме одзади и ги јадеме. Еден по еден. Новата година ја дочекуваме без чоколадните дедомразовци.

Петта слика: Трето одделение сме и ја славиме нашата прва Нова година без родители. Седиме испоседнати со јадења и пиења кои сме ги донеле од дома во соба во која на ѕидот има тапет со слика на море и портокалово зајдисонце. Наеднаш некој од нас вади ликер со вкус на банана и сите пиеме од истото шише по неколку голтки. Топло ни е. Се смееме.

Јана Бурче: Дедо Мраз, меѓу другото, беше и електричар

Елката беше секогаш накитена на 15 декември, исклучиво со стаклени лампиони што од денешна родителска перспектива навистина ми е преризично Домот мирисаше на мандарини и мелени ореви, но не поради освежувач на воздух, туку поради тоа што на сите радијатори беа наредени лушпи од мандарини, а мајка ми за празниците секојпат спремаше бомбици.

Имам доста анегдоти, но највидно се сеќавам на една Нова година кога волшебно снема струја во целата зграда на полноќ и веднаш по санирањето на „дефектот“ под елките еднакво магично се појавија подароците. Изгледа Дедо Мраз, меѓу другото, е и електричар.

Често раскажувам дека по победата на Елена Ристеска на М2 од Дедо Мраз барав само чорапчиња до колена со штрафти и само тоа и го добивав. Во тоа време музиката се слушаше на цеде, па редовно во моето писмо до Северниот Пол наведував изведувачи, на пример, Лас Кечап или Ванеса Меј. Широк спектар на музички стилови негувам уште од дете.



912

X