Силвана Боризовски, ортоптичар и плеоптичар

Силвана Боризовски, ортоптичар и плеоптичар

Специјален едукатор и рехабилитатор на лица со оштетен вид
е-пошта: silvana.borizovski@yahoo.com

Повеќе од авторот

Страбизамот или кривогледоста е состојба кога едното или двете очи гледаат настрана

Под слабовидост се подразбира состојба на амблиопија која најчесто e застапена на едното око (мрзливо око) или бинокуларна слабовидост, кога исклучително лош вид е застапен на двете очи. Во таквите случаи, под слабовидост подразбираме вид од 40 отсто на подоброто око со сета можна корекција (со контакни леќи или очила). Амблиопијата (мрзливо око) е болест која се третира во рамките на плеоптиката. Страбизмите (кривење на очите) се третираат во рамките на ортоптика. Овие визуелни состојби се застапени кај најмладата популација и доколку не се третираат, може да дојде до влошување на општата состојба на видот. Амблиопиите можат да бидат функционални, што е многу подобра варијанта, и органски, кои се многу посериозни. Лекувањето зависи од целиот удел на тимот формиран од терапевтот, родителот и самото дете.

Причини и состојби

До слабовидост кај децата може да дојде од различни причини – некои вродени нарушувања, прематурост, односно предвремено раѓање…, додека кај повозрасните, амблиопиите се резултат на нетретирни амблиопи од рано детство, како и стекнати очни заболувања што не биле лекувани. Најчесто станува збор за потреба од коригирање на видот на едното око – очила за блиску или очила за далеку. Такви се:

-Рефрактивни аномалии (myopia, hypermetropia и astygmatismus)
-Катаракти (cataracta congenita или вродена катаракта, катаракта која е резултат на физичка траума, т.н. cataracta traumatica, катаракта која е резултат на општо лоша состојба на окото или cataracta complicate и cataracta senilis, повеќе позната како старечка катаракта)
-Ретинопатии и атрофии на очните нерви
-Глауком (acuta и chronica).

Сите овие состојби може да доведат до влошување на видот, т.е. на секоја слабовидост ѝ се заканува прогресивно губење на видот која може да доведе дури и до слепило. Слепо е она лице што со сета можна корекција има помалку од 10 отсто вид.

Како може да се оштети видот?

Оштетувањето на видот кај бебето може да биде стекнато во бременоста, од предвремено раѓање, во раното детство чие третирање се толерира до 7-годишна возраст и оштетување кое настанало придружно во животот (секундарна слабовидост). Вродените аномалии на видот обично се резултат на други аномалии или несакани дејствија врз плодот на органогенезата која трае во првиот триместар од зачнувањето на плодот.

Бебе со нарушен вид е во ризична група, а слабиот вид се манифестира и врз неговиот континуиран скелето-моторичен развој, како и самиот процес на когнитивноста. Емоционалната врска со мајката се гради со голем ризик-фактор во развојот бидејќи е изоставен контакт со ликот на мајката. Постои програмиран развој на визуелна перцепција кај секое новороденче. Во првите моменти во животот визуелната перцепција на бебето е прилично оскудна. Постојат ставови дека бебето гледа на 20 сантиметри од себе доволно да го здогледа и уочи лицето на својата мајка, во чии раце се наоѓа.

Не постои совршено градено око. Сите новороденчиња се раѓаат со одреден диоптер чија толеранција е во висина до +2 DSPH, кој треба да се изгуби до 4-годшна возраст. Добриот дијагностичар треба да утврди до каде е физиолошкиот, а од каде е патолошкиот диоптер – оној што треба да се коригира со очила и кој сигурно е придружен со кривење на очите. Скромниот вид кај бебето е резултат на недооформениот оптички нерв и недоволно развиени визуелни патишта, како и самиот визуелен кортекс-центар за вид во задниот дел на черепот. Нервот се оформува до 2-годишна возраст. Многу важна улога има процесот на визуелна стимулација со помош на аудио-сензорна поддршка. На пример, шарени играчки и присуство на дневна светлина во просторијата во која е сместено бебето. Од друга страна, секундарни патологии од развој на очните мускули кои примерно се многу слаби и појава на псевдострабизмот (лажен страбизам) се многу честа, но не и алармантна појава до 6-месечна возраст на бебето. Во случај на рефракциски грешки, ако не се стабилизираат со навршена 3-4 годишна возраст на детето, може да доведат до понатамошно кривење на очите или страбизам кој од своја интермитентна (скриена) фаза може да прејде во манифестна (видлива) форма и центарот на фиксација на видот може да биде ексцентричен или парамакуларен, што ќе биде придружено со сериозно отсуство на вид – под 0,4 визус т.е. помалку од 40 отсто вид. Мора да се нагласи корекција на видот со корективно стакло кое е апсолутно значајно како превенција од губење на видот и губење на функцијата на видните патишта.

Страбизам

Страбизмот или кривогледоста е состојба кога едното или двете очи гледаат настрана. Тоа претставува нарушување на положбата и видните функции на окото. Невозможно е двете видни оски да бидат насочени кон точката која се фиксира. Оваа аномалија на положбата на очите и бинокуларниот вид практично значи неможност за истовремено насочување на двете очи, односно видни линии, кон точката која се фиксира и неможност за формирање единствен и јасен лик. Страбизмот е застапен кај четири до осум отсто од популацијата, со половина слабовиди во таа група. Тој може да настане поради оптички грешки на окото – кратковидост или далековидост, како и некои комбинирани грешки. Може да настане како резултат на некои болести кои спречуваат формирање нормална слика на мрежница на окото: вродена катаракта, очен притисок, нарушување на очните мускули, болести на нервите кои управуваат со очните мускули, болести на видните патишта кои ја пренесуваат сликата до мозокот… И наследниот фактор може да има улога во настанувањето на страбизмот.

Страбизмот се јавува најчесто во првите години од животот, во време кога развојот на видот е најактивен, а дијагнозата треба да се постави што е можно порано со цел порано да се почне со лекувањето, за да се спречи амблиопија. Страбизмот се открива при очен преглед, за што постојат соодветни методи.

Неизедначеноста на очните мускули, кои имаат важна улога, може да биде детектирана како недостиг на конверенција, за чие третирање се потребни само вежби на очните мускули, и тоа важи како состојба, нарушување. Тој е физиолошки чин кој настанува заедно со чинот на акомодација и служи за гледање во близина. Модерниот начин на живеење ја прави оваа појава да биде многу честа. Навиките во животот ни ја скратуваат можноста за природно вежбање на очните мускули, што е овозможена со самата акомодација на окото – со гледање блиску и гледање далеку. Современиот начин на живот диктира поголема експлоатација на окото на блиску (гледање на телефон, компјутер, ТВ). Окото се одмара кога го упатува видот на минимум шест метри на далечина. Прошетки на отворен простор и во зелена екосфера се благодат за очите.

Со ортофорија се означува нормална положба на очите. Гореспоменатата хетерофорија (латентен страбизам) претставува дискретна неправилност во положбата на видните оски, и со помош на фузија доаѓаат во приближно паралелна положба. Хетеротропија ја нарекуваме јасно изразената кривогледост или страбизам, погрешна положба на очите кои треба да бидат паралелни. Страбизмите можат да бидат хоризонтални и вертикални. При хоризонтален страбизам имаме нарушување на функцијата на назалните и темпоралните очни мускули. Во случај кога нарушувањето на очните мускули е присутно и на двете очи, тогаш станува збор за алтернирано функционирање на двете очи, но вообичаено повеќе се криви она око кај кое е забележано присуство на поголем диоптер. Хоризонталниот страбизам може да биде со присуство на кривење на окото навнатре или нанадвор.

Освен ортоптички страбизми, има и плеоптички кривења, односно кривење само на едното око. Во ваквите случаи појавата на амблиопија кај тоа око е многу почеста и се случува мозокот да ја отфрли таа дразба, поради што доаѓа до прогресивно губење на видот на тоа око и задолжително негово кривење, најчесто нанадвор. Како третман во превенција на супремирање на окото од страна на мозокот се препорачува оклузија, т.е. затворање на здравото око со помош на оклудер за да се скрати визуелната информација која здравото око ја носи до центарот за вид. Во тој случај визуелната информација доаѓа од заболеното око и без разлика колкав и да е аголот на кривење на заболеното око, тоа веднаш се исправа во моменти кога здравото око е затворено, но откако ќе се отвори, пак се враќа во првобитната положба. Токму затоа третманот со оклузија е речиси единствениот, и познат уште во времето на цивилизацијата на Месопотамија.

Терапијата на страбизмот може да биде конзервативна и хируршка. Постојат конкомитантна кривогледост, конвергентен страбизам и дивергентен страбизам. Конкомитантна или манифестна кривогледост е вид на страбизам кога страбичното око го следи здравото око. Конкомитантната кривогледост може да биде: Конвергентна кривогледост или Esotropia (кога страбичното око бега кон внатре), дивергентна кривогледост или Exotropia (се јавува кога окото бега кон надвор), бегање на окото кон горе и бегање на окото кон долу (hipertropia и hipotropia). Интермитентниот или латентниот страбизам исто така може да покажува свртување кон внатре, кон надвор, девијација кон горе и кон долу. Конвергентниот страбизам е најчест тип на очна кривогледост, која се јавува во повеќе од 50 отсто од сите девијации кои се манифестираат во детската возраст. Езотропијата може да се манифестира набргу по раѓањето, но обично се јавува по третиот месец, па до целосното воспоставување на бинокуларниот вид, околу 6-тата година. Меѓутоа, во 90 отсто од случаите се јавува во првите 2 години и ретко се манифестира по 4-тата година. Во почетокот езодевијацијата е повремена, се јавува кога детето гледа нешто сосема близу до очите или кога е уморно. Постепено се воспоставува постојана конвергенција, односно конвергентен страбизам со сите последици (амблиопија). Ако се фати времето кога езотропијата е само повремена и ако се дадат очила со кои ќе се неутрализира прекумерната акомодација, нема да дојде до постојан страбизам.

Дивергентниот страбизам се јавува главно по 3-тата или 4-тата година, најчесто кај пациентите кои имаат миопија. И овој страбизам во почеток е само повремен и ако се дадат очила, се избегнува воспоставувањето на постојана егзотропија. Кај овие страбизми не се развива амблиопија, затоа што видната острина е воспоставена уште во детството.

Паралитичка кривогледост

Паралитичкиот страбизам е вид неконкомитантна кривогледост која настанува како резултат на пареза или парализа на еден или повеќе екстраокуларни мускули. Кај паралитичкиот страбизам слабоста на нервот може да биде последица на заболување на јадрото во мозокот или на нервното стебло од јадрото до инсерцијата на мускулот. Етиологијата е разновидна: воспалителни процеси од бактериско или вирусно потекло, васкуларни или метаболни нарушувања, потоа артериосклероза, дијабетес, злоупотреба на никотин, алкохолизам, трауми на главата, неоплазми во мозокот итн. Малигни, поретко бенигни неоплазми во орбитата може да се експонираат со дупли слики. Често пати по операција на овие тумори остануваат дупли слики како непријатен постоперативен епилог.



912

X