Воспитување

Скротување лавови: Како да се справите со однесувањето на момчињата?

На некои мајки скротувањето на синовите може да им изгледа како скротување лавови. Момчињата може да бидат бучни, диви и иако е ова сосема нормално и фантастично забавно, понекогаш може да биде и напорно. Сепак, трикот е во тоа да ја разберете нивната фундаментално практична природа, бидејќи еднаш кога ќе ја сфатите, ќе увидите дека со момчињата е многу полесно отколку што се чини на прв поглед. Всушност, бидејќи речиси 20 години им помагав на мајките во совладување на однесувањето на синовите, сметам дека постојат неколку основни принципи кои вреди да се запомнат, кога да ги применувате сите основни алатки како што се тајмаут, стикери како награди за добро однесување, одземање предмети, казнување и слично.

Три основни принципи

1. Структурата е од витално значење

Момчињата напредуваат во структуриран свет. Не сакаат анархија бидејќи тогаш мора да губат многу време и енергија обидувајќи се да утврдат каде се границите. Нема врска дали се работи за детенце или момче, ним секогаш им одговара структура. Не треба да претерувате зашто потоа на сите ќе им стане болно и ќе предизвикате многу расправии, но потребно е да им дадете доволно правила и предвидливост за да имаат контрола над својот живот. Сакаат граници и сакаат да знаат како се вклопуваат работите. Правилата треба да бидат што поедноставни. Обично предлагам семејните правила да имаат 3 до 5 точки, на пример:

– Однесувај се кон луѓето и предметите со почит.
– Заврши одредени задачи во одредено време.
– Зготви ѝ чај на мајка ти кога сака.

2. Упатствата нека бидат прости и едноставни

Немојте премногу да комплицирате. Заклучокот е дека помалку е повеќе и тука ова има значајна улога. Колку повеќе зборови користите, поголеми се шансите да ви се удрат од глава.

3. Секогаш нагласувајте ја врската меѓу постапките и последиците

Во согласност со општата тенденција работите да бидат прости и јасни, важно е да му овозможите на детето да ја увиди јасната и недвосмислена врска помеѓу своите постапки и последици. Не очекувајте самото да ги поврзе работите.

Алатки што најчесто се користат

Сите вообичаени работи се корисни, како за момчињата така и за девојчињата. Наградните стикери се одлични за игрите на момчињата, бидејќи од некоја чудна причина, малите момчиња ќе направат сè за да добијат стикер. Тајмаут-алатката исто така дејствува. Заборавете на сите шарени лаги што ги слушате за тајмаут-алатката, и она дека не треба да го испратите во својата соба или во ходникот. Пронајдете место кое не го сака и оставете го таму. Очигледно е дека не се мисли на подрум со пајаци, туку ќе биде доволно да го натерате да седне некаде каде што му е здодевно. Некои деца сакаат да седат во својата соба, некои не. Исто така, може да заборавите дека е доволно да го казните по една минута за секоја година возраст бидејќи на некои момчиња потребни им се до 60 минути за секоја година.

Скалата на неизбежната судбина

Ако веќе сте прочитале некоја од моите книги, познато ви е што следува, па ако сакате прескокнете го овој дел. Доколку не сте ги читале моите книги, да ви го претставам накратко мојот мал изум, згодна алатка која ја нареков: „Скалата на неизбежната судбина“. Генерално се покажала многу успешна со децата, особено со момчињата. Единствен услов е децата да имаат доволно години за да го разберат концептот на време, значи не е за деца помали од 6 години. Најпрвин да раскажам вообичаена приказна за тоа како се користи алатката.

1. Нацртајте едноставна скала на парче хартија. Скалата започнува во време кога детето обично оди на спиење и по половина час се намалува до моментот кога се враќа од училиште. Ако момчето е помало, намалете ги растојанијата на 10 или 15 минути.
2. Ставете ја скалата на фрижидерот каде што детето може да ја види.
3. На врвот од табелата поставете магнет за фрижидер. Сега тој магнет станува „знаме“ кое му кажува во колку часот треба да оди на спиење. Секое дете треба да добие свој магнет, односно знаменце.

4. Секој ден почнува знаменцето на врвот од скалата, односно првото скалило, на пример, тоа е 20 часот.
5. Ако момчето се однесува лошо, знаменцето се спушта за едно скалило. Ако не прекине со лошото однесување одредено време, тогаш знаменцето се спушта за уште едно скалило.

6. Слично на тоа, ако го замолите нешто да заврши во одреден временски период, а тој не го стори тоа, знаменцето се спушта уште пониско.

7. Знаменцето оди надолу сè додека не го заврши она што сте го замолиле или додека не го достигне точното време кога треба да оди на спиење, на пример. Ако знаменцето дојде на 15 часот и 30 минути, тогаш во тоа време испратете го во кревет.

8. Следниот дел е многу важен: Ако се случи да треба да оди на спиење многу порано, може да го заработи патот, така што ќе изработи дополнителни задачи.

9. Кога ќе се заредат навистина добри денови, наградете го со посебна награда како во неделите кога бил особено добар.

Поправни задачи

Ова е од клучна важност за функционирање на скалата. Тие се двигател и ќе овозможат да се прекине негативната низа и повторно да се почне со позитивно однесување. Целта е да се поттикне позитивното однесување. Ова се неколку примери на поправни задачи: чистење на патеката, празнење на машината за миење садови, ставање облека во машина за сушење, средување на собата, правосмукалка, да направи нешто убаво за помладиот брат или сестра, кој само што го/ја удрил, хранење на милениче.

Важно е да може да избира која работа ќе ја заврши, бидејќи изборот ќе ја зголеми шансата да соработува. Предлагам родителите да направат купче на картички, од кои децата ќе одбираат и секоја картичка да биде со посебна поправна задача и чекорите што таа задача ги подразбира. Еве еден пример:

Празнење на машината за миење садови:

– Внимателно извади го секое парче од машината.
– Увери се дека е суво.
– Стави го на соодветно место.
– Затвори ја машината.
– Избриши ја водата од кујнската маса, ако ја има.

Ќе избегнете децата да не ја завршат добро задачата така што ќе ги истакнете точните компоненти на задачата. Картичките со поединечни активности ќе послужат како објективен список за проверка. Скалата до која знаменцето ќе се движи најмногу треба да биде во согласност со тежината на задачата. Така, на пример, ќе се придвижи 2 скалила нагоре ако ја среди собата, а само едно скалило ако го исчисти ходникот. Ова зависи и од тоа колку години има детето. Кога ќе ја заврши задачата, великодушно пофалете го и уверете се дека се чувствува добро што донело одлука да помогне и да даде придонес.

Дали скалата може да се користи и со постари момчиња?

Да, може. Знам и неколку училишта што примениле сопствена Скала на неизбежната судбина на постари деца. Исто така, покрај мама и тато кои ја користеле скалата во семејството, исто така видов дека доста ефективно се користи и во групни домови за тинејџери. Трикот е во тоа кај постарите деца да го замените раното одење во кревет со некоја друга привилегија, како што е времето кога мораат да се вратат дома по излегувањето, или времето кое ќе го поминат на компјутер или телефон.

Зошто се особено корисни за момчињата?

Мислам дека овој метод особено добро се покажа со момчињата бидејќи има структура која е јасна и лесна за разбирање. Постои и директна врска помеѓу она што го прават и последиците од тие постапки. Ако детето почне да вика, не морате да правите ништо друго освен да го повлечете малиот магнет на табелата надолу. Ако не се смири релативно брзо, ќе претрпи голем пораз. Ако успее, не само што го исполнил вашето барање, туку и научил многу важна лекција, дека лутината не го контролира неговото однесување, туку тој самиот.

Најважно од сè, никогаш не заборавајте дека тој е само момче.

Многу мајки што ги гледам во мојата приватна практика грешат обидувајќи се да ги променат своите момчиња, да бидат онакви какви што тие би сакале, или такви какви што сметаат дека момчињата треба да бидат, наместо да ги пуштат да бидат такви какви што се. Доколку момчето го помине животот живеејќи во стерилна, мирна, контролирана атмосфера, кога ќе стане тинејџер, претерано ќе компензира и одлучно ќе го почне својот живот. Ако сте се прашувале што е нормално однесување за момчиња, ова се главните точки: врева, викање, туркање и удирање на браќата и сестрите и пријателите, кавги со браќата и сестрите, правење неред, љубов кон калта, играње со стапчиња, насилни игри, собирање инсекти, опсесивно размислување за диносауруси, собирање некакви отпадоци, берасположеност, смеа, викање, прдење, вицеви за прдење, генерално хумор врзан за ВЦ, ждригање, правење звукови кои потсетуваат на прдеж, фасцинација со опасни, ризични работи, уште прдење, викање…

Ова е само основен список со работи што се нормални. Ништо од ова не треба да ве вознемирува, ниту да ве загрижува. Тие едноставно го прават тоа. Во западните земји постојат специјални групни домови за проблематични тинејџери со цел да им се овозможи посебна, стручна помош и внимание. Слично како и кај нас поправните домови, но тинејџерите не мораат нужно да бидат малолетни деликвенти.

Извадок од книгата „Мајки и синови: Како да одгледате маж?“

Автор: Најџел Лата

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top