Како што се приближува крајот на распустот, се потсетуваме на тоа како го поминавме летото со децата. Но, едно обемно 18-месечно истражување на еден од најголемите телекомуникациски оператори во Велика Британија, Virgin Media O2 (спроведено на 16.000 испитаници) открива помалку поразителна статистика. Родителите на деца под 18 години во просек минуваат дури 88 часа во несвесно и ненамерно скролање на своите телефони во текот на летниот одмор.
Тоа значи дека многумина од нас можеби веќе изгубиле речиси четири цели дена од распустот во скролање на екраните наместо во вистинско дружење со семејството.
Што покажуваат резултатите од истражувањето?
- Повеќе од 2 часа дневно потрошени пред екран: Родителите во просек трошат 2 часа и 6 минути дневно на телефонот без конкретна причина, дури 40 минути повеќе од возрасните што немаат деца.
- Автоматска навика: Дури 76 % од родителите признаваат дека го земаат телефонот в рака механички и без размислување.
- Скриена загуба на контролата: Половина од родителите (50 %) признаваат дека речиси немаат контрола врз времето поминато на интернет, иако 74 % го користат телефонот како брз начин да се опуштат по напорниот ден.
Што забележале децата во текот на летото?
Ова прекумерно време пред екраните остава директни последици врз односот со најмладите. Повеќе од половина од децата (56 %) изјавиле дека поради телефоните, нивните родители пропуштиле важни семејни моменти.
- 48 % од децата морале по неколку пати да повторат нешто за да ги слушнат.
- 34 % од децата се соочиле со ситуација родителот да го пропушти тоа што сакале да му го покажат.
- 63 % од децата сметаат дека нивните родители не се свесни колку многу го користат телефонот.
На прашањето кога најмногу сакаат нивните родители да бидат целосно присутни, децата ги издвоиле најобичните семејни моменти: разговорот (47 %), семејните излети (40 %) и заедничката игра (35 %).
Завршете го летото во вистинско присуство
Како што истакнува Дана Хајдан од Virgin Media O2, целта на овие податоци не е осуда, туку осветлување на проблем што им се случува на сите:
-Многу од дигиталните услуги што ги користиме се дизајнирани токму да нè задржат што подолго. Во хаосот помеѓу работата и грижата за децата лесно е да паднеме во замката на ненамерни навики. Разбирањето на тие навики е првиот чекор кон изградба на здрав однос со технологијата.
Пред да заѕвони првото школско ѕвонче, искористете ги овие последни денови од распустот. Остави го телефонот настрана и подарете им го на децата она што најмногу им треба, вашето целосно и искрено присуство.