Школскиот ранец не смее да надминува 10 % до 15 % од вкупната телесна тежина на детето. Тоа значи дека за прваче со тежина од 20 килограми, чантата со сите книги, вода и ужина не смее да биде потешка од 3 килограми.
Претешкиот ранец предизвикува замор во мускулите, болки во вратот и грбот и лошо држење на телото. Иако претешката чанта не е единствен причинител за сколиоза, таа значително го оптоварува коскено-мускулниот систем. Податоците од систематските прегледи покажуваат дека 22,4 % од учениците имаат деформитети на стапалата, 10,3 % имаат лошо држење на телото, а 7 % страдаат од кифоза.
Како правилно да го изберете и го спремате ранецот?
- Избор на ранец: Ранецот треба да одговара на висината на детето, горниот дел да не биде над рамената, а долниот да биде во висина на струкот. Потребни се две широки, приспособливи и меки прерамки, анатомски зајакнат грб и појас околу градите.
- Правилно пакување: Најтешките книги поставете ги во преградата најблиску до грбот. Спремете ги само потребните работи за тој ден, купете тетратки со меки корици и редовно чистете го ранецот од непотребни предмети.
- Правилно носење: Ранецот задолжително се носи на двете рамена за тежината да се распореди рамномерно. При кревање од подот, детето треба да ги свитка колената и да го подигне ранецот со силата од нозете, а не со свиткување на половината.
Забелешка за ранците со тркалца: Тие се корисни само на рамни површини, но влечењето со една рака создава нееднакво оптоварување на телото, а самата конструкција го прави ранецот потежок кога мора да се носи по скали.
Улогата на училиштата и физичката активност
За да се намали оптоварувањето, експертите препорачуваат училиштата да обезбедат шкафчиња за складирање на дел од материјалите, подобро да го координираат распоредот на часови и да препорачуваат полесен училиштен прибор.
Покрај лесниот ранец, редовната физичка активност (вежби, спорт, игра на отворено) е клучна за зајакнување на мускулите на грбот и на стомакот, што е најдобро за правилен развој на ‘рбетот.