Читанката на БИБИ

Сите сме различни и убави на свој начин!

Деновиве ја запознав Исидора Мун. Таа е поинаква од другите деца, но не и помалку важна. Знаете, Исидора е и самовила и вампир. Ама тоа воопшто не е страшно. Ако некој досега ве плашел со самовили и вампири, Исидора сака да ни докаже дека и тие се суштества, но малку различни (како што сме различни и ние луѓето, едни од други) и што е поважно – добри се.

Ова самовилско-вампирско девојче има неразделно другарче што истовремено ѝ е милениче. Тоа е Розовото зајче, некогаш безживотна кукла, а денес верен другар. И нивната љубов е исто силна и обострана.
И додека Исидора е спокојна зашто не мора да оди на училиште како обичните деца со смешни униформи што секојдневно ги гледа од својата соба – мајка ѝ и татко ѝ ја потсетуваат дека дојде време таа да тргне во прво одделение. Хм… И сега, што ќе се прави? Па таа не е ни целосно самовила, ни комплетно вампир. Како ќе се приспособи на наставната програма?

Ако не проба – нема ни да знае.

Прв школски ден во училиштето за самовили. Се чини, распоредот на часовите е лесен, но не и за Исидора Мун. Не знае да ракува со волшебно стапче. Балетот е потежок во розово фустанче, а цветниот аранжман во венчето изгледа е малку отровен. Плус, печурките не се цвеќе  Исидора се чувствува како комплетен губитник. Но, можеби, пак, таа е повеќе вампирка и затоа не се снаоѓа сосема во самовилското училиште. Ќе треба да ја провери својата вампирска страна…
Се разбира, во вампирското училиште, часовите почнуваат навечер и траат речиси до пред зората. Прв час – вампирско летање. Ама Исидора заостанува, иако има преубави вампирски крилца. Следи припитомување и дресура на лилјаци. Повторно неуспех. Ајде, можеби на третиот час ќе се дотера како вистински вампир. Или можеби не?! А и кај се чуло-видело, вампир да заспие ноќе?! Е па, нашата Исидора не можеше да издржи. Заспа како бајче.
Мама-самовила и тато-вампир се загрижени, но се чини дека нема простор за паника.

А вие, што мислите дека се случи следно? Каде се пронајде Исидора? Зошто таа би морала да посетува вампирско или самовилско училиште, кога не е целосно ни вампирка ни самовила? Па таа, сепак, е дете ?

Сигурна сум дека ќе најдете милион причини за да ја обожавате Исидора Мун. Нејзиниот свет е светкав, розов и весел. Таа е многу умна и сака да се дружи. А мислам дека најмногу ќе ѝ се допадне кога ќе ги прочитате нејзините приказни и ќе ја прифатите за другарче.

Следниот пат ќе ви споделам некоја нова авантура на Исидора Мун, таа е полна со приказни. Впрочем, ќе ви споделам свое доживување од нејзина авантура. Но, со оглед на тоа што сечие доживување е единствено и нема второ исто, ве поттикнувам сами да бидете откривачи на магиите на книгите. Сфатете го тоа како игра, така најубаво се учи!

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top