Повеќе нема деца во Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. Од пред неколку дена тие се сместени во 4 мали групни домови и згрижувачки семејства. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс, ги посетија децата кои од неодамна се сместени во една од куќите во Скопје.

– Како што ветивме, до почетокот на второто училишно полугодие го трансформиравме и Домот „11 Октомври“. Притоа водевме сметка децата да останат во близина на училиштето што го посетуваат и да не ги разделуваме братчињата и сестричките – изјави Царовска.

 

Процесот на деинституционализација, според неа, тече подобро од очекуваното. Досега бројот на деца сместени во институции се намали за 60%.
– Нашите заложби како Влада се до 2020 година да нема повеќе деца под 18 години во големите институции. Секое дете заслужува да расте со семејство, да чувствува вистинска грижа и топлина. Ги охрабрувам и сите оние што се заинтересирани да станат згрижувачи да го направат овој чекор и да го отворат својот дом и своето срце за нов член на семејството – изјави Царовска.

Фото: Министерство за труд и социјална политика

Процесот на деинституционализација Министерството го спроведува во партнерство со УНИЦЕФ, УНДП и Делегацијата на ЕУ во Македонија.

– Многу земји од ЕУ, преку систематски реформи и кампањи за промена на ставовите, прераснаа во места каде што сместувањето деца во институции веќе не се прифаќа. Со затворањето на претпоследната институција за деца во земјата се доближуваме до остварување на таа цел – рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
Пред околу четири месеци целосно беше трансформиран и Домот „25 Мај“ и сите 25 деца сега живеат во 5 мали групни домови во Скопје и се вклучени во редовниот образовен процес. Исто така, до крајот на минатата година од Специјалниот завод „Демир Капија“ беа извадени сите деца до 18 години и беа сместени во мали групни домови каде што добија 24-часовен надзор и индивидуализирани програми и дефектолошки третмани.



912

X