Воспитување

Какви проблеми имаат децата на успешните родители

Да се биде „нечиј“ син или ќерка е психичко оптоварување за детето, од кое опкружувањето очекува да биде „достојно“ на својот успешен родител, па таквото дете нема вистинско детство, туку е претворено во јавна личност

Ретки се родителите што не се гордеат со успесите на своите деца. Тоа е уште поизразено кога тие ќе пораснат и кога како возрасни синови или ќерки ќе бидат успешни во своите професионални и приватни животи. И децата се гордеат со успесите на своите родители, но постои една битна разлика: успесите на своите деца родителите ги сметаат за свој успех, а децата не ги сметаат родителските успеси за свои. Тие сметаат дека пред нив е иднината во која допрва треба да се докажуваат.

Животниот успех е релативен и субјективен поим, а овде го користиме да означиме социјален успех, односно онаа успешност во животот која социјалното опкружување ја смета за таква. Социјалната успешност на родителите битно влијае врз развојот на нивните деца и тоа, судејќи според искуството, не нужно позитивно. И затоа се прашуваме какви проблеми во развојот имаат децата на успешните родители – татковци и мајки.

Родителско влијание

Главното психичко оптоварување што по правило го имаат овие деца е внатрешната принуда дека и тие да мора да бидат исто така успешни, ако не и поуспешни од своите родители. Оваа принуда понекогаш е резултат на влијанието на родителите, нивните барања дека и тоа треба да биде успешно за да се докаже дека е достојно на своите родители. Некогаш родителот својот успех го гледа како почеток на една трансгенерациска успешна приказна, без оглед дали се работи за семејна фирма или некоја професија како адвокатура, медицина, стоматологија и слично. Таквиот родител го напишал животното сценарио за своето дете често и пред неговото раѓање, а на детето му останува само беспоговорно да го остварува, ако не сака длабоко да го разочара својот родител.

Некогаш успешните родители не очекуваат од детето некаков посебен успех, туку му дозволуваат самото да го избере својот животен пат. Но, иако родителите не очекуваат, тоа го очекува општественото опкружување. Дете на успешен родител, кое во повеќето случаи е некој вид јавна личност, ниту е обично дете ниту има обично детство. Тоа во даденото опкружување е одредено како „нечие дете“, така што во односот кон него се внесува и односот кон неговиот родител.

Никој, па ни престолонаследниците не успеале во животот само затоа што биле нечии деца. Зад секој животен успех стои долгогодишна систематска работа, учење, одрекување и залагање. А за да се постигне сето тоа, потребна е соодветна мотивација која доаѓа од длабочината на сопственото несвесно. „Морам да успеам затоа што сум нечиј син“ не е доволна мотивација за успех. Затоа овие деца често имаат проблем од типот: „Морам да успеам, ама не знам во што“.

Често и успешните родители и нивните деца веруваат во генската основа на социјалниот успех. Таквиот родител смета дека успехот на детето се должи на неговите гени. Оваа самоувереност е погрешна бидејќи и уште еднаш да се роди успешниот родител во нови, поинакви околности, нема гаранции дека би го постигнал истиот успех.

Ризични ситуации

Синовите и ќерките на успешните родители често си поставуваат цел што побрзо да го достигнат нивото на своите родители. Бидејќи нивните очекувања сами по себе се многу високи, тогаш ни помалите успеси што ги постигнуваат за нив не се вистински успеси, така што тие не ги стимулираат. Со оглед дека брзаат, влегуваат во ризични ситуации за кои сè уште не развиле соодветни способности, па се склони кон неуспех. Од друга страна, кога не се приближуваат кон зацртаната цел со брзината на своите очекувања, тогаш се склони да се разочараат од себе и од своите способности, иако тоа го кријат од родителите и од опкружувањето.

Дури ни тогаш кога самите ќе успеат во нешто, водени од советите на своите родители и со користење на нивното општествено влијание, не се задоволни од себе затоа што знаат дека тој успех не им припаѓа.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top