Кога пред еден месец другарка ми (исто така професорка) доби бебе, едвај чекав да излезе од породилно и барем да ја слушнам. Ова ѝ е трето дете и веќе е искусна мајка. Разговаравме по околу пет дена од породувањето и кога ја прашав што прави, таа рече дека полека ја учат буквата А со бебето. Секако дека беше шега и двете се смеевме.

Но, колку и да е претерано, тоа што се шегуваме на таков начин говори за тоа во која насока оди односот кон децата во нашето општество генерално.

Д-р Дејвид Елкинд е детски психолог и автор кој го измислил терминот од насловот на овој текст – „синдром на брзано дете“. Овој синдром Елкинд го опишува како „збир на однесувања поврзани со стрес кои се јавуваат кога од детето се очекува да изврши одредени задачи кои се надвор од неговите ментални, социјални и емоционални способности. Во основа, родителите ги преполнуваат животите на нивните деца со тоа што ги притискаат да го постигнат академскиот успех што го замислуваат и очекуваат да се однесуваат и да реагираат како возрасни.

Кога ќе го прочитате тој опис, веројатно помислувате: „Па добро, тоа не е лошо за детето“. И точно е дека повеќето луѓе не се толку екстремни во нивните очекувања од децата. Но, верувајте, „брзањето“ на децата да стигнат некаде ви се прикрадува како навика, без воопшто да ја забележите.

Еве како тоа изгледа во секојдневниот живот:

  • Носење на децата со нормален развој на подготовки за на училиште;
  • Споделување брачни и финансиски проблеми со децата;
  • Суптилни пораки до децата дека оценките се нивната најважна задача и дека успехот на училиште ќе го одреди нивниот живот;
  • Очекување од децата секогаш да бидат дисциплинирани, добро организирани, секогаш да се однесуваат според стандардите на општеството и никогаш да не бидат нерасположени или „намќори“.

Зошто ги брзаме децата?

Да се ​​биде дел од современото општество, значи постојано живеење во култура која ги цени достигнувањата и успехот пред сѐ друго. Нашето општество ги гледа наградите и признанијата како нешто толку важно, што понекогаш забораваме да им дозволиме на децата да бидат деца.

Повеќето родители, всушност, имаат најдобри намери. Изгледа многу нормално и природно да сакате повеќе и подобро за вашите деца. Затоа, некои родители сметаат дека брзањето на своите деца е нивна родителска одговорност. Тие веруваат дека на овој начин се заштитени од неуспех. За жал, тие забораваат нешто многу важно: за растењето и развивањето вештини е потребно време, а неуспесите се вредни лекции на патот и се неопходни за децата да се развиваат здраво.

Згора на тоа, консумеризмот е како шлаг на тортата. Маркетинг-кампањите од секаков вид, исто така, го наметнуваат успехот како најважна цел, а фактот што дури и многу малите деца имаат свои паметни телефони им овозможува на креаторите на кампањите лесно да допрат до децата. Паметните телефони практично ги турнаа децата во светот на возрасните, многу пред нивното време.

Брзањето низ учењето

Училиштето е средина каде што споредувањето на едно дете со друго е речиси неизбежно. Тестовите, испитите, а можеби и најмногу од сè – натпреварите ги поттикнуваат да се фокусираат на резултатите, оценките, медалите и тие брзаат да ги постигнат на многу рана возраст.

Дали знаете како изгледа атмосферата во училницата кога наставникот ги внесува прегледаните тестови? Така, откако ќе ја видат сопствената оценка, децата почнуваат да прашуваат за туѓите, споредувајќи ги резултатите. Кога ќе дојдат дома и ќе ги соопштат оценките, големи се шансите да следи прашањето: „А што направија Лука, Марко, Лена…“ Повторно со идејата дека нивното дете мора да биде над просекот.

Последици од „брзањето на децата“

Кога брзањето на нашите деца ќе стане навика и кога ќе ги ставиме во режим на постојани очекувања да постигнат нешто, ги ставаме во средина на КОНТИНУИРАН стрес. Тие едноставно почнуваат да живеат со стрес. Ова, се разбира, влијае врз развојот на анксиозност и депресија.

И, можеби најважно, тоа е пат кон создавање прилично тажно детство. Како да не паднеме во замката и како да не ги брзаме нашите деца?

  1. Препознајте ги ПОТРЕБИТЕ на вашите деца. Само потребите на децата, а не она што мислите дека е потребно за еден ден да ги остварат амбициите што сте ги поставиле.
  2. Избегнувајте да го доживувате или претставувате успехот на вашите деца како ваш.
  3. Ограничете ја технологијата, таа е таа што ги брза децата да пораснат пред време.
  4. Помогнете им на децата да разберат што сакаат и да постават цели кои се само нивни и важни само за нив.
  5. Кога ќе ги донесат дома своите резултати од тестовите, замолете ги да ви кажат што научиле од нивните грешки. И покажете дека го цените токму тоа знаење.
  6. Не споделувајте ги вашите проблеми со децата. Тие не се ваши пријатели или терапевти. Ним им е потребен родител.

Извор



912

X