Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 4,5 години и во последно време многу е променет во однесувањето. Оди во градинка и јас секој ден се молам негувателката да не го посочи него дека направил нешто. Почна многу да користи вулгарни зборови пред секого и секаде. Пробав да му укажам со разговор, дека тоа не е добро, но немаше ефект. Пробав со казни, потоа со игнорирање, но и тоа не успеа, си продолжи да си тера по свое. Чувствувам дека ја губам контролата над него и дека немам никакво влијание врз него. Во градинка постојано се тепа, кога спијат сите, тој ги буди, па неколку пати бевме опоменати од страна на воспитувачот, но и покрај моето зборување и советување, нема никаков ефект. Навистина не знам повеќе што да правам и како да се поставам за детето да сфати како треба да се однесува во градинка и дека мора да има почит спрема другите. Очајна и беспомошна сум.

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата беспомошност. Однесувањето на децата помеѓу 4 и 5 години е полно со новитети, комични сцени, малку драма и многу, многу нови сознанија.

Децата ги развиваат своите личности, искусуваат посилни чувства и потреби, развиваат преференции и начини на размислување, имаат потреба од граници итн.

Од она што го опишавте се чини дека вашето дете сака да биде во центарот на вниманието, се задева, тепа, ги буди другите и некако тешко е да се излезе на крај со него. Не сте опишале како е дома, дали се случила некоја промена во неговиот живот, освен дека употребува вулгарни зборови и дека и покрај сите ваши напори, тој продолжува.

Лошите зборови, без сомнение, се неизбежен чекор низ кој поминуваат сите деца од предучилишна возраст.

Тие често имитираат и кога ќе привлечат внимание со кажување збор чие значење не го знаат, а гледаат дека тој збор има посебна моќ бидејќи кај другите предизвикува чудење, смеа, лутина, продолжуваат да го повторуваат. На некој начин ја тестираат моќта на јазикот и ако им дадеме многу важност, тогаш секако дека ќе продолжат.

Објаснете му на детето дека тоа е „лош збор“ и затоа не треба да се повторува, но без да ја зголемувате ситуацијата или да му дадете некое големо значење. Не вознемирувајте се и бидете добар пример за него.

Вашето дете е во период кога се бори за своето ЈАС, а кога му се забранува, тоа е начин за уште повеќе да го потврдува.

За повеќето родители, еден од најголемите предизвици во воспитувањето е точното поставување граници во однесувањето. Особено кога детето одбива да соработува, а таквото однесување често доведува до чувство на лутина и фрустрација и беспомошност. Би требало да имате постојаност и трпеливост, бидејќи секој чекор има свое време и бара многу повторување за да се интегрира. Како и секое учење, потребно е време и пример.

Најважно е да вербализирате, да разговарате со вашето дете, да ги изложите фактите, сепак, јасно да му ставите до знаење дека вашиот збор носи тежина на одговорност врз него. Границите обезбедуваат стабилност, сигурност и навики и затоа мораме да дадете ограничувања во секојдневниот живот за она што може или не може да прави во секој простор, во различни контексти, распореди или моменти. Тоа значи да нема удирање или фрлање предмети, кажете дека како родители нема да го прифатите тоа однесување. Дека може да побара она што му треба, но мора да разбере дека неговите желби нема секогаш да се исполнуваат и дека, иако тоа го лути, не е причина да реагира.

Детето досега веруваше дека светот се врти околу него, а сега почнува да размислува за чувствата на другите, нивните емоции, последиците и како моите постапки влијаат врз другите итн. Затоа кога зборувате за однесувањето во градинка, зборувајте за емпатијата, за тоа како другите деца би се чувствувале, како тој се чувствува таму итн. Доколку само го казните, а не објаснете поради што, детето ќе биде збунето и нема да знае поради што нешто не може и затоа „си тера по свое“. Контролата не може да ја изгубите, освен ако самите си ја одземате. Тоа не значи дека треба да бидеме груби со нашето дете, да викаме, да уценуваме, да се караме. Со многу љубов и разбирање, со поставување граници, со доследност и добар пример од ваша страна, со голема флексибилност, блискост и достапност, секогаш ќе можете да го водите вашето дете во неговиот развој. Затоа почнете од дома, а потоа неговото однесување ќе почне да се рефлектира и во градинка. Доколку не успее, тогаш во градинка имаат проблем со границите и воспитувањето на децата. 

Трпението и љубовта ќе бидат вашите најдобри сојузници!

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.



912

X