Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми не сака да се оддалечи од мене, не седи без мене, а не сака ни во градинка да оди, веќе три пати се обидувавме. Не спие без мене, не одам на работа зашто плаче ако не ме види. Ноќе имам многу мака – по еден час откако ќе заспие, се буди, многу плаче и почнува да се тресе. Не е при свест и не знае каде е, зборува, ама не можам да го разберам во тој момент. Само гледа околу него и во рацете го фаќаат грчеви, ама секоја вечер по еден час, ни минута порано или подоцна. Што значи ова, што може да има детето?

ОДГОВОР: Во вашата порака нема информации за возраста на вашето дете, но претпоставувам дека се работи за дете од некои 3-4 години.
Сепарационата анксиозност или анксиозноста од одвојување се манифестира како прекумерен страв или вознемиреност во врска со одвојувањето на детето од најважните фигури – родителите и домот.

Ова е нормална фаза од развојот и докажува дека врската што се создава помеѓу родителот и детето е доволно стабилна за да исполни важни заштитни функции.
Првата, да кажеме, криза на приврзаност се појавува во втората половина од првата година од животот. Следните епизоди може да се појават кај деца до 3-годишна возраст, а потоа анксиозноста од одвојување постепено исчезнува и понекогаш се појавува епизодно кога детето е поголемо.

Реакцијата на детето е инстинктивна борба за безбедност и опстанок.
Тоа реагира со плачење, врескање, бегање, протестирање на кој било начин, може да има тешкотии да заспие, особено ако во близина ја нема личноста со која има силна врска. Многу често децата се жалат дека се чувствуваат лошо, чувствуваат дури и физички сензации (главоболки, стомачни болки), кои се интензивираат во случај на приближување на разделбата. Може и вербално да се изразува како стравувања дека ќе се случи нешто лошо, што на пример ќе го одвои од тато и мама или ќе го натера да го напушти домот.
Стравот прави детето да не сака да оди (или одбива да излезе и не оди) во градинка/училиште (или други места без родителот), бара долги убедување или нема да остане дома без личноста со која се чувствува сигурно. А, во вашиот случај тоа сте вие.

Сето ова кај родителот создава чувство на немоќ и лутина бидејќи не знае како да му помогне на своето дете.
Обидете се да го разберете стравот на детето, потрудете се прво да вежбате кратки разделби (на пр., тато оди во другата соба на 5 минути, потоа 10 минути), а постепено и на подолги интервали (да го фрлам ѓубрето, да го заклучам автомобилот итн.). На тој начин со постепено одвојување, од ден на ден, детето ќе се привикнува на вашето отсуство, а потоа ќе можете да правите и поголеми и подолги разделби.
Би било добро да не се криете или бегате, на тој начин само ќе се зголемува анксиозноста и детето пак ќе ја губи сигурноста во вас. Одете во посета кај најблиските и договорете кратки седења, оставете го на неколку часа додека се вратите.

Бидејќи ја споменавте градинката, вознемиреното дете добива многу стимули во градинка со кои мора да се соочи. Покрај силната вознемиреност што произлегува од одвојувањето од родителот, се појавува чувството на закана и осаменост, а детето може да доживее и отфрлање од групата врсници. Поради сето ова, вознемиреноста може да се зголемува и детето да протестира уште повеќе. Зборувајте со детето за неговите чувства, рефлектирајте како се чувствува и уверувајте го дека секогаш сте тука за него. Бидете доследни на кажаното. „Знам дека не сакаш да заминам, но морам да одам на работа и ќе се вратам веднаш по ручекот.“
Дајте му некоја омилена играчка или нешто што го сака за да го теши во моментите кога не сте заедно.
Збогувањата да бидат кратки и јасни, без многу објаснување и зборување, а сепак полни со љубов. Бидете трпеливи, потпрете се на вашата родителска интуиција, фокусирајте се на доследноста и огромната доза на разбирање. На тој начин вашето дете среќно ќе тргне самостојно да го освојува светот.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X