Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам две момчиња, на возраст од 5 и 1 година. Имаме проблем со поголемото. Воопшто не сака деца, ниту да си игра ниту да им се приближи, а ако некој дојде до него, тој бега и се крие, или вика за тие да избегаат како да се плаши од нив. Таков е од раѓање, не сакаше нови луѓе, особено деца. Не сака да одиме во парк или на гости, само сака кај баба му, кај нив дома е опуштен, па дури и разгален. Кога ќе ни дојдат гости, бега и се крие, особено ако има и дете. За братучедите вели дека не ги сака, не му требале.
Инаку, оди во градинка од 2 години, но таму не сакал да си игра со децата, туку си седел со воспитувачките. Вели дека не сака да си игра и да не му купуваме играчки, сакал да чисти и само му требале средства за чистење. Нема ниту едно другарче. Со братчето е малку груб, сака да скока со него, но го сака и го пази. Живееме во странство и на почетокот беше проблем и јазикот, но сега го разбира и зборува во градинка.
Како да постапиме со вакво несоцијално дете? Оддалечени сме од сите и затворени само дома, или само со познати луѓе заради него. Мислев дека е само фаза, ама веќе има 5 години. Се плашам дека тоа ќе се префрли и кај малото дете, веќе почнува да го имитира.

ОДГОВОР: Децата носат одредена биолошка природа која го дефинира нивниот темперамент. Во вашиот исказ немам податок колку години имал кога сте заминувате во странство, иако добро разбрав дека на почетокот имавте тешкотии додека го усвоил јазикот. Доколку е тоа дете кое од самото раѓање не покажувало социјалност, промените дополнително го инхибираат и му е потребно одредено време за да ги врати и обнови одредени психолошки и социјални сили.
Многу е важно за почеток вие како родители да ја прифатите неговата природа таква каква што е, можеби интровертна, и да го насочите кон индивидуални активности, на пример, некој индивидуален спорт, пливање, тенис и сл. или пак свирење на некој инструмент, со што тој би ги јакнел своите компетенции и би се чувствувал посигурно во социјалната средина и меѓу врсниците. Читајте книги со социјални приказни, учете го да се изразува преку цртање и боење. Да ги црта и бои своите чувства и доживувања.
Креирајте охрабрувачки говор кој поттикнува и стимулира. Не повлекувајте го целото семејство само затоа што имате интровертно дете, покажете му го вашиот начин на дружба и како вие се чувствувате во врска со тоа.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X