Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 10-годишно машко дете. Во последните месеци чувствува преголем страв од смрт. Се плаши дека еден ден ќе порасне и нема повеќе да биде дете, прашува што ќе се случи кога ќе умре и како ќе се чувствува кога ќе умре, дали ќе може да мрда и сл. Ова премногу го вознемирува, плаче, не може да спие, страв му е да остане сам и сл. Како можам да му помогнам, како да му одговарам на неговите прашања и дали да го однесам на психолог да поразговара со него. Искрено, не знам на што се должи ваквата состојба. Не сме имале смртен случај во фамилија, детето не гледа страшни работи на ТВ и интернет. Инаку, на негово барање, обично тоа е пред спиење, многу често зборуваме за неговите стравови. Се обидувам да му објаснам дека сите имаме некакви стравови, дека треба да зборува за тоа за да најдеме решение како да ги надмине. Иако понекогаш и јас не знам како да одговорам на неговите прашања.

Се работи за дете кое е прилично чувствително и има страв од какви било промени во секојдневната рутина. Имав големи проблеми со неговото приспособување во училиште, за градинка уште повеќе. Дали се плаши од тоа што не знае како ќе му биде кога ќе порасне или се работи баш за страв од умирање, не знам. Знам само дека сето ова прилично го вознемирува. Имаше период (пред да тргне на училиште) кога му се појавија и тикови, го носев на прегледи и она што ми го кажаа е дека се поради неговата изразена чувствителност. Во тој период му се роди и сестричка, кон која никогаш не изразил вербално љубомора, но како што ми беше кажано, тиковите не биле поврзани со овој настан. Сето ова траеше 4-5 месеци и успеавме да го надминеме. Овој период ни беше прилично стресен поради таквата состојба на детето и затоа не сакам повторно нешто да предизвика нешто слично кај него.

ОДГОВОР: Стравот од смртта е карактеристичен за деца на возраст од шест до седум години и се третира како развоен, т.е. егзистенционален и примарен страв. Во овој период децата стануваат свесни за ситуациите што се реално загрозувачки, а најдраматично доживување во тој период е доживувањето на смртта. Тоа е период кога идејата за смртта добива реалистична димензија и детето не може целосно да ја разбере, односно потребни му се повеќе реални и рационални информации. Од друга страна, децата имаат голем имагинарен свет полн со фантазии и често пати имаат проблем да ја одделат фантазијата од реалниот свет. Од особена важност е со детето отворено да се разговара на оваа тема и да му се дозволи без страв и чувство на непријатност да ги изрази своите чувства. Децата немаат искуство и знаење потребно за рационално да го доживеат светот.

Наместо тоа, повеќето деца минуваат низ фаза на верување дека нивните мисли и желби се моќни и им веруваат на истите. Ова може да биде обид да се добие некоја контрола над светот околу нив или да се маскираат нивните инхибирани психолошки сили. Затоа децата развиваат ритуали, опсесивни мисли и суеверија со цел да се заштитат од желбите или мислите да станат реалност.

Првиот информатор за детето е родителот. Децата имаат тенденција да бараат информации тогаш кога се подготвени да го слушнат тоа. Секоја информација добиена од вас, детето ја почитува и сака да ѝ верува од аспект што сè уште не е доволно интегрирано, независно и самостојно, како физички така и психолошки. Поттикнете го рационалното размислување и на секоја негативна или бизарна мисла дајте противдокази и рационално објаснување. Зборувајте за биолошките процеси на живиот свет, користете реални и одбрани зборови. Зрачете со самодоверба дека и вие добро ги владеете и ги разбирате и оддавајте чувство на сигурност дека не се плашите за сопствените или неговите чувства. Поткрепете го со вашите спиритуални и религиски верувања. Истакнете ја моќта на човекот врз своето здравје и билет за долг живот знаејќи дека треба да се грижи за своето тело и да биде внимателен кон него.

Јас често им кажувам афирмации на децата, а омилена ми е: „Моето тело е мојот најдобар пријател“ и ги учам да веруваат во тоа. Често пати им кажувам: „Јас планирам да живеам 100 години како Кинезите и Јапонците. Пијам три литри вода за да останам здрава.“ Поттикнете го да уочи дека сепак има работи врз кои има контрола и работи врз кои нема контрола. Фокусирајте го на овде и сега, направете заеднички планови за иднината, на пример, каде би патувале, што би изградиле, што би купиле во иднина, потврдувајте ја неговата слика за себе и автоперцепција. Споменавте дека стравот трае веќе неколку месеци и затоа би ве советувала да побарате стручна помош каде што детето ќе сретне уште еден позитивен авторитет кој ќе му зборува за смртта и животот.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X