Бременоста е време на големи промени – и физички и психички. Повеќето бремености напредуваат без никакви проблеми и повеќето трудници дури и кога мислат дека нешто не е во ред, всушност, нема сериозен проблем. Меѓутоа, постојат некои симптоми кои упатуваат на сериозни компликации и не би требало да ги игнорирате. Ако чувствувате дека нешто не е во ред со вашето тело, побарајте лекарска помош. Дури и ако на крајот испадне дека сте биле во грешка, ниту еден лекар нема да ви замери што сте го контактирале, а вие ќе бидете помирни. Ова се симптомите што упатуваат на сериозни компликации.

Интензивна болка во стомакот

Ако сте бремени помалку од 12 недели и чувствувате остра болка во долниот дел од стомакот (од едната или од двете страни на матката), може да станува збор за вонматерична бременост, па задолжително јавете се на лекар. Острата болка може да упатува и на спонтан абортус, спуштање на постелката или предвремено породување. Болката во горниот дел од стомакот, околу црниот дроб, може да биде симптом на прееклампсија – нарушување кое погодува 5 до 8 отсто од трудниците. Се јавува најчесто по 20. недела од бременоста, а симптомите се висок крвен притисок и протеини во урината. Еден од најпрепознатливите симптоми е отекување на стапалата и изненадувачко зголемување на телесната тежина. Ова нарушување влијае и врз мајката и врз детето, и треба да се лекува. Но, болката во горниот дел на стомакот може да биде и знак на лошо варење и да упатува на камења кои не се толку опасни. Сепак, побарајте помош од лекар. Болката во долниот дел од грбот може да упатува на инфекција на бубрезите која треба да се лекува.

Болка во градите

Може да упатува на белодробна емболија (крвно згрутчување во белите дробови) или плевритис (воспаление на мембраните кои ги опкружуваат белите дробови) и не смее да се игнорира.

Треска и температура

Ако имате температура од 37,8 Целзиусови степени, а немате некои други симптоми, веднаш обратете се на лекар. Исто така, ако температурата надмине 38,9 степени, побарајте помош од лекар бидејќи можеби имате некоја инфекција која бара лекување со антибиотици.

Претерана отеченост на долниот дел од нозете и претерано дебелеење

Овие симптоми може да упатуваат на прееклампсија.

Претерано повраќање и/или дијареја

Иако утринските мачнини се непријатни, не се опасни. Меѓутоа, ако повраќате постојано и ако не можете да задржите ништо во себе, може да дехидрирате. Исто така, ако имате дијареја, се намалува количината на телесни течности, што може да биде опасно и за вас и за вашето дете. Ако повраќањето е проследено со висока температура, можеби ќе мора да одите во болница за да примите инфузија.

Главоболка, матен погледот

Ако имате главоболка во текот на првото тримесечје или редовно страдате од мигрена, веројатно не се работи за нешто сериозно. Но, ако имате изненадувачки главоболки, двојна слика или матен поглед во второто и во третото тримесечје, тоа би можело да биде знак за прееклампсија и опасно висок крвен притисок, а тоа бара болничко лекување.

Испуштање течност од вагината или болки

Ако сте на крајот од бременоста, зголемениот исцедок веројатно значи дека ви пукнал воденикот, па треба да се упатите во болница. Ако почувствувате зголемено испуштање на течност пред 37. недела од бременоста, можеби дошло до испуштање на плодовата вода и пукање на мембраната, а тоа е знак за предвремено породување. Сепак, не помислувајте веднаш на најлошото. Некои мајки мислат дека им пукнал воденикот, а всушност бебето само малку посилно ги удрило во меурот, па испуштиле малку урина. Ако, пак, почувствувате контракции помеѓу 24. и 36. недела од бременоста, упатете се на лекар.

Болно мокрење проследено со температура, треска и болка во грбот

Може да се работи за инфекција на уринарниот тракт која се лекува со антибиотици.

Отечени, болни нозе

Болно отечените нозе, топли на допир, може да бидат знак на длабока венска тромбоза, па итно јавете се на лекар. Но, длабоката венска тромбоза може да се замени со вообичаена и безопасна состојба на зголемен тромбофлебитис кој ги напаѓа малите вени на површината на кожата од долниот дел на нозете, кои во текот на бременоста стануваат црвени и чувствителни особено ако сте здебелени. Снимките од ултразвук ќе покажат за која дијагноза се работи.

Забавување или изостанок на движењето на фетусот

Првото движење на бебето се чувствува помеѓу 16. и 20. недела од бременоста. По 28. недела би требало да почувствувате барем 10 движења дневно. Ако еден час не сте го почувствувале бебето како се движи, не кревајте паника. Испијте чаша сок за да се зголеми нивото на шеќер во крвта, па потоа би требало да почне да се движи. Пред да се јавите на лекар, легнете на левиот колк во мирна соба и веројатно ќе почувствувате како вашето бебе се движи. Но, ако ви се чини дека бебето во изминатите 24 часа е помалку активно или се движи помалку од 10 пати во рок од 12 часа, побарајте лекарска помош. Преку ултразвук се следат отчукувањата на срцето, па ќе се види дали е сè во ред. Намалениот број движења може да биде знак дека бебето е под стрес, што не смее да се игнорира.

Жед и нередовно мокрење

Ако одеднаш почнете да чувствувате жед, проследена со малку мокрење или недостиг на мокрење, тоа може да биде знак на дехидратација или затајување на работата на бубрегот, а и двете состојби се опасни и за мајката и за бебето. Јавете се на лекар.

Вагинално крвавење

Во првите 12 недели од бременоста мала количина безболно крвавење е вообичаена. Меѓутоа, ако посилно крвавите, најдобро е да контактирате лекар за да ве прегледа. Многу тешко и болно крвавење бара моментална помош, па упатете се на одделот на итна помош.

Чешање по целото тело

Може да биде симптом на трудничка колестаза (нарушување на функцијата на црниот дроб) која води до зголемена акумулација на жолчните соли во крвотокот, особено ако е присутна жолтица (жолта кожа и темна урина). Не постои опасност за мајката, но детето може да биде загрозено.

Паѓање или автомобилска несреќа

Паѓањето и не е претерано опасно бидејќи матката и плодовата вода го штитат бебето, но сепак повикајте лекар и објаснете му што се случило. Ако почувствувате болки, испуштање течност или крвавење, веднаш побарајте лекарска помош.

Автор: Мартина Буторац

Извор



912

X