Секоја идна мајка очекува замор и гадење, но бидејќи телото многу се менува, понекогаш е тешко да се каже дали она што го чувствувате е нормално или треба да одите на преглед.

Кои се симптомите за кои треба да се грижите и веднаш да одите на лекар?

Повикајте лекар дури и ако едноставно не се чувствувате добро. За време на бременоста и за време на породувањето, мора да им верувате на вашите процени кога е во прашање вашето тело, па не срамете се да договорите преглед. Лекарите очекуваат такви повици од трудници и можат да ви помогнат или едноставно да ве смират.

Зачестено мокрење

Кога треба да бидете загрижени?

Честото мокрење, како и чувството на жед е чест симптом на нормална бременост и не треба да се грижите доколку состојбата не е премногу тешка. Но, овие симптоми може да ве предупредат и за гестациски дијабетес, особено ако се чини дека бебето станува преголемо.

Што да направите?

На редовните контроли вашиот лекар ќе го провери нивото на шеќер во урината, но ако се сомневате во гестациски дијабетес, тој ќе го повтори тестот или ќе направи тест за толеранција на гликоза. Трудничкиот дијабетес понекогаш може да се држи под контрола со правилна исхрана и треба да се повлече по породувањето.

Веднаш дејствувајте ако спаѓате во високоризична категорија – ако во вашето семејство имало случаи на гестациски дијабетес, ако веќе сте родиле големо бебе или имате прекумерна тежина.

Несоница и грчеви во ногата

Кога треба да бидете загрижени?

Вообичаено е да имате проблеми со спиењето, но ако тоа е придружено со главоболки, замор или недостиг на концентрација, тоа може да биде показател за недостиг на магнезиум. Доколку забележите такви симптоми, сфатете ги сериозно и направете нешто за да го помогнете метаболизмот на минералите во телото.

Што да направите?

Редовното внесување магнезиум ќе ги намали овие симптоми или целосно ќе ги реши.

Дејствувајте веднаш ако грчевите во нозете се повторуваат секоја вечер. Недостигот на магнезиум може да предизвика предвремено раѓање.

Повраќање

Кога треба да бидете загрижени?

Ако не можете да задржите храна и пијалаци, и ако продолжите да повраќате повеќе од трипати на ден по 14-тата недела од бременоста, можеби тоа не е само вообичаената утринска мачнина, особено ако забележите дека слабеете.

Што да направите?

Вашиот лекар може да ви препише лекови против гадење или во тешки случаи да ве упати во болница. Добрата вест е дека таквата тешка форма на утринска мачнина обично поминува околу петтиот месец од бременоста.

Дејствувајте веднаш ако дехидрирате поради силно повраќање.

Крвавење

Кога да бидете загрижени?

Вагиналното крвавење не треба да се занемари во ниту еден период од бременоста. Можеби се работи за само неколку капки крв во раната бременост, што не е опасно, но секогаш ќе ја загрижува идната мајка. Друга честа причина за поупорно крвавење е спуштената плацента.

Што да направите?

Ако крвавите, јавете се кај вашиот лекар за да бидете сигурни дека сè е во ред. Во случај да имате спуштена плацента, ќе ве упати на скрининг за да се провери нејзината положба. Може да се случи плацентата да го затвори грлото на матката и да го спречи бебето да се спушти во породилниот канал. Во тој случај, можеби ќе треба да се породите со царски рез.

Дејствувајте веднаш ако крвавењето е обилно или чувствувате остра болка во стомакот. Повикајте брза помош бидејќи може да постои ризик од спонтан абортус или абрупција на плацентата. Ако вашата крв е различна од вашата менструација и чувствувате болка на едната страна од стомакот, може да се работи за ектопична бременост – состојба опасна за живот.

Отекување на стапалата, дланките или глуждовите

Кога треба да бидете загрижени?

Задржувањето на водата е вообичаено за време на бременоста, но отокот може да биде и показател за прееклампсија, сериозна болест во бременоста поврзана со висок крвен притисок.

Што да направите?

Високиот крвен притисок и протеините во урината предупредуваат на прееклампсија и затоа се следат при редовни прегледи. Можеби ќе ви бидат дадени лекови за намалување на крвниот притисок или можеби ќе треба да се одморите за да не се влоши вашата состојба. Тешко е да се предвиди кој ќе добие прееклампсија, но под поголем ризик сте ако имате над 40 години, ако ова ви е прва бременост, ако носите повеќе од едно бебе и ако претходно сте страдале од висок крвен притисок.

Дејствувате веднаш ако имате болки во горниот дел на стомакот и силна главоболка. Ова може да предупреди за развој на еклампсија, во кој случај бебето ќе треба да се породи што е можно поскоро за да не биде во опасност.

Неподносливо чешање

Кога треба да бидете загрижени?

За време на бременоста вашата кожа е многу растегната, особено на абдоменот, а тоа може да предизвика чешање. Но, понекогаш тоа може да биде показател за посериозен проблем. Ако вашите стапала и дланки многу ве чешаат, кажете му на вашиот лекар бидејќи тоа може да биде симптом на холестаза во бременоста.

Што да направите?

Холестазата се јавува кога хормоните за бременост се мешаат во дигестивниот систем и од жолчката влегуваат во крвотокот, предизвикувајќи чешање. Холестазата е опасна за бебето, така што ќе бидете под строг лекарски надзор.

Дејствувајте веднаш ако воопшто не се чувствувате добро. Гадење, несоница и губење на апетитот се исто така симптоми на холестаза.

Извор



912

X