Здравје

Симптоми и знаци за менингитис што секој родител мора да ги знае

Раното откривање на симптомите може да биде од пресудно значење за успешното лекување на менингитисот.

Менингитис претставува инфекција на обвивките на мозокот и ‘рбетниот мозок. Бактерискиот менингитис е ретка болест, но е исклучително сериозен и бара итна хоспитализација и лекување со антибиотици. Од друга страна, вирусниот менингитис е почест, но генерално помалку опасен и за него не помагаат антибиотици. Бидејќи симптомите се многу слични, потребни се болнички анализи за да се утврди точната дијагноза.

Колку е сериозен менингитисот?

Ако болеста се дијагностицира навреме и брзо се започне со соодветно лекување, повеќето пациенти целосно закрепнуваат. Сепак, статистиката покажува дека 1 од 10 случаи на бактериски менингитис може да има фатален исход.

Пациентот со бактериски менингитис станува многу болен за кратко време. Иако болеста може да се развива 1 до 2 дена, во некои случаи состојбата драматично се влошува за само неколку часа.

Како да ги препознаете симптомите?

Не мора сите симптоми да бидат присутни одеднаш. Најчестите знаци на кои родителот мора веднаш да обрне внимание се:

  • Силна главоболка
  • Висока телесна температура
  • Повраќање
  • Одбивање храна/доење 
  • Вкочанет врат и болки во зглобовите
  • Невообичаен плач со висок тон или офкање 
  • Бледа или синкава кожа
  • Преосетливост на светлина
  • Поспаност, тешко будење, збунетост или кома (во ретки случаи)
  • Карактеристичен црвено-виолетов исип на кожата

Карактеристичниот исип и „тестот со чаша“

При менингитис може да се појави исип во форма на ситни црвени/виолетови точки или модринки, предизвикани од крвавење под кожата. Овој исип може да се јави на кој било дел од телото.

Како се прави тестот со чашата? Притиснете го страничниот дел од проѕирна стаклена чаша цврсто врз точките од исипот. Доколку точките НЕ избледуваат и остануваат јасно видливи низ стаклото, веднаш побарајте итна медицинска помош!

Како се пренесува бактерискиот менингитис?

Бактериите се пренесуваат преку капки плунка и секрет, при кашлање, кивање, бакнување или делење ист прибор за јадење. Најголем ризик за инфекција имаат лицата што се во многу близок контакт со заболениот (за нив често се препорачува превентивна антибиотска терапија).

Иако секој може да добие менингитис, тој најчесто ги напаѓа бебињата, малите деца и тинејџерите, затоа е од витално значење сите родители добро да ги препознаваат овие знаци.

Извор

Поврзани написи

To top