Воспитување

Силните емоции на децата – предизвик за родителите

Можеме ли да поднесеме кога нашите деца се фрустрирани и изразуваат силни емоции? За децата, емоциите се тема која е апстрактна и комплексна. Малите деца не се развојно оспособени смирено да ги вербализираат своите чувства како што би умееле возрасните. Кога родителот не може да поднесе силни емоции кај своето дете, всушност, нема научено како правилно да се справува со своите. Кога возрасните немаат солидно разбирање за основните вештини на емоционалната интелигенција како што се свесност за сопствените емоции, корисни начини на артикулација и нивна канализација, ќе амит тешкотии во регулирањето на емоционалното однесување кај детето.

Ако сакате да го подготвите детето за животните предизвици, решавање конфликти и проблеми, првиот чекор е да престанете да ги минимизирате неговите емоции. Родителите често знаат да ме прашаат, на пример: „Откако нашето папагалче умре, моето дете е тажно и два дена плаче, не можам да го смирам. Што да преземам?“ Би кажала наместо да ја санирате емоцијата, поддржете ја, сочувствувајте и вие со него. Дајте ѝ простор и време на емоцијата да се обработи онолку време колку што им се потребни на умот и телото. Дозволете вашето дете да преземе одговорност за своите емоции.

Кога се забележуваат силни изливи на бес, гнев или лутина кај децата, ова емоционално однесување најчесто се смета за непожелно, непослушно, неприфатливо и е причина за поттик кај родителите да биде казнето. При регулирање на овие емоции треба да се земе предвид дека во моментот кога децата ги чувствуваат не се во можност истовремено и да размислат за своите постапки. Оваа регулација бара да се вклучат логиката и аналитичкото размислување од левата хемисфера на мозокот и да се хармонизираат и поврзат со десната хемисфера. Ова интеграција бара време на развојно созревање. Затоа, бидете трпеливи во однос на вашите очекувања и учете ги на последиците од нивните акции.

Ќе се запрашате, зошто е толку важно да одгледате емоционално интелигентно дете? Затоа што тоа е предиктор за животниот успех и благосостојба на вашето дете, емоционалната интелигенција го оспособува вашето дете за животните падови и подвизи, со кои станува отпорно и може успешно да се справи со себе во различни средини.

Автор: м-р Христина Стефановска, психолог и автор на литература за деца

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top