– Врати ѝ ја играчката – му реков на мојот син. Тој ја држеше над нејзината глава, надвор од нејзин дофат. Можев да го почувствувам мојот гнев додека се зголемуваше.
– Веднаш! – додадов со цврст тон. На мое разочарување, мојот син ја фрли играчката низ ходникот и скокаше со радост додека ќерка ми плачеше по него. Крвта ми вриеше, се свртив кон син ми за да го дисциплинирам на некаков начин. Она што почна како пријатно утро наеднаш стана лош ден. Зошто беше толку нељубезен?
Се чинеше дека мојот син се радува на задевањето на неговата помала сестра. И тој грубо не ме послуша. И двата проблеми ме вознемирија. Во последно време тој запаѓаше во повеќе неволји дома и можеби, си помислив, тоа беше затоа што јас и мојот сопруг бевме под стрес поради други работи: барање работа, продажба на нашиот дом и борба со здравствено прашање. Немав поминато толку време гушкајќи го мојот син и играјќи си со него како што обично поминував. Дали ова можеше да придонесе за неговото однесување? Работев напорно во текот на следните неколку недели за да ја зајакнам врската со мојот син и открив дека 5 придобивки доаѓаат од посилниот однос мајка-дете.
1. Постои поголема шанса вашето дете да соработува
Кога создавате добра волја со другите луѓе, поверојатно е дека тие ќе сакаат да ве задоволат. Знам дека не е лесно за моето дете да ги спушти играчките и да дојде да ми помогне да ја поставам масата кога ќе се јавам. Но, по едно попладне со него, сфатив дека тој е многу поподготвен.
2. Поверојатно е да ви се обрати детето кога ќе има потреба
Кога мојот син ќе порасне, сакам да се чувствува како да може да зборува со мене кога е тажен или повреден. Силната врска сега – нахранета со време и љубов – ќе ја зголеми веројатноста да се случи тоа. Додека неговата сестра дремеше пред некој ден, ние поминавме време редејќи сложувалка. Телефон ми заѕвони и тој застана чекајќи да види што ќе правам. Го игнорирав и продолжив да играм. Кога завршивме, тој ми седна в скут за слатко гушкање. Децата се занимаваат со мали нешта и сакаат да знаат дека ви се важни. Кога ќе порасне, сакам мојот син да знае дека ми е приоритет, па сега ги градам тие добри чувства.

3. Поголеми се шансите вашето дете да ги следи вашите правила
Се чинеше дека малите нешта како смеење на неговите шеги (и покрај тоа колку се глупави) и прегратка секогаш кога ќе помине покрај мене ја зајакнаа нашата врска. Мојот син почна да ги собира играчките со помало одложување и не се караше со мене кога му реков да проба нова храна двапати оваа недела.
4. Поголема е веројатноста вашето дете да се однесува љубезно кон другите
Колку повеќе му давав позитивно внимание на син ми, толку помалку ја задеваше сестра си. Свесно се трудев да поминувам повеќе обмислено време со него — гушкање и читање — и тој изгледаше многу порелаксиран во текот на денот. Овие мали моменти имаат големо влијание врз децата. Одвојувањето време, особено кога сте уморни навечер, може да биде тешко. Но, ако имате проблеми со однесувањето со вашето дете, можеби ќе сакате да се обидете и да видите што ќе се случи.
5. Поверојатно е вашето дете да ги следи вашите вредности
Како што расте мојот син, сакам тој да ги живее вредностите на нашето семејство. Ако вашето дете се чувствува силно поврзано со вас, тоа природно ќе сака да ве задоволи. И покрај зафатеноста со секојдневниот живот, се обидувам да се погрижам да се поврзам со мојот син во текот на денот. Тој знае дека сакам да бидам со него, но и дека манирите се важни, како и извинувањето. Поврзаноста, присуството и покажувањето љубов кон вашето дете со зборови и дела не само што му користат нему, туку и вам. Ја поставувате основата за врска со години.
Автор: Мери Џо Вајс
Извор