Дали мајката на Исак Њутн знаела дека тој има екстремно висока интелигенција со коефициент 192 – што го вбројува меѓу 1 отсто од популацијата со коефициент на интелигенција повисок од 136? Дали таа се сомневала дека Исак ќе порасне во еден од највлијателните научници на сите времиња? Веројатно не, со оглед на тоа што го отпишала од училиште кога бил тинејџер надевајќи се дека ќе стане фармер како неговиот татко.

Според МЕНСА, меѓународна организација на луѓе со натпросечна интелигенција, постојат знаци што на родителите можат да им покажат дека нивните деца имаат повисок коефициент на интелигенција од просекот. Погледнете кои се тие.

1. Одлична меморија

Очигледно добрата меморија е важна за децата да учат и да паметат нови информации, и на училиште и дома. Всушност, работната меморија не само што е поврзана со учењето (од градинка до факултет) туку и со донесувањето одлуки во секојдневните активности. Мало предупредување – истражувањата покажуваат дека децата со добра меморија исто така се подобри во лажење.

2. Рани вештини за читање

– Читањето за умот е она што е вежбањето за телото – напишал англискиот есеист Џозеф Адисон. Просечно, екстремно интелигентните деца почнуваат да покажуваат знаци за читање пред четвртата година. Постојат многу фази на читањето и децата мора да научат да ги препознаваат и да ги разбираат зборовите за да почнат сами да читаат.

3. Љубопитност

Љубопитноста е исто толку важна колку и интелигенцијата, а љубопитниот ум е добар показател за успех. Децата што поставуваат многу прашања имаат вродена желба за учење. Како што бараат можности да учат каде и да се, така понатаму ги развиваат својот ум и интелект.

4. Смисла за хумор

Историчарите честопати забележуваат чувство за хумор кај Абрахам Линколн. Кога бил обвинет дека има две лица, во претседателската дебата, Линколн одговорил: – Искрено, ако бев лицемерен, дали би го прикажувал ова лице? Не обесхрабрувајте ја смислата за хумор кај вашето дете, таа може да биде знак за висока интелигенција.

5. Музикалност

Истражувањата покажуваат врска помеѓу музикалноста и интелигенцијата, а истражувачите веруваат дека децата имаат големи придобивки кога ќе се здобијат со музичко образование. Сите родители треба да ги изложуваат своите деца на музика уште од рана возраст, дури и ако децата немаат посебен музички талент. Истражувачите веруваат дека музиката влијае врз мозокот и ја отклучува способноста за креативно размислување.

6. Поставува високи стандарди

Паметните деца и успешните возрасни имаат тенденција да си поставуваат високи стандарди. Тие имаат инстинктивна потреба да се подобрат и да бидат подобри во области што им се важни. Овој двигател им помага да научат нови вештини и да бидат извонредни во нив.

7. Можат да водат разговори и со возрасните

Надарените деца често се опишани како „малечки возрасни“ поради нивната рана зрелост, висока свест за моменталните случувања и нивната склоност да разговараат со возрасни, а не со другите деца. Интелигентно дете обично е она што разговара со возрасните на роденденска забава наместо да си игра со другите деца. Уживањето во разговорот и зборувањето за одредени теми се знак за интелигенција кај децата.



912

X