Во Сирија еден волонтер го ризикува својот живот за да ги достави мечевите, играчките автомобили и Барбиките за децата да ја заборават војната и нивното страдање и едноставно да играат. Заробени во град што моментално е урнатина во ужасната граѓанска војна во Сирија, децата од Алепо немаат многу работи со кои би им се подобрил денот, откако им е украдено нивното детство.
44-годишниот Рами Адам го нарекуваат шверцер на играчки, а неговата мисија е да донесе радост во мрачното постоење на децата, но тоа значи дека неговиот живот е во огромна опасност.
Фото : Zakariya Barakat
– Колку повеќе луѓе ме знаат однатре, толку повеќе ми треба заштита од локалното население. Јас сум цел, имам меѓународни врски, волонтер кој шета наоколу со пари во џебот – вели Рами Адам.
Рами емигрирал во Финска во 1988 година и сега раководи со агенција за помош наречена „Суоми Сирија“. На секои два месеца, покрај заканите од бомби и снајперисти, тој го посетува Алепо. Тој бил инспириран да го прави ова опасно патување кога неговата тригодишна ќерка, Јасмин, инсистирала да им ги даде играчките на сириските деца. Нејзиниот гест почнал како традиција што подоцна Рами ја претворил во надеж за младите во Алепо. До денес Рами ја посетил Сирија вкупно 28 пати.
Фото : Zakariya Barakat
Рами има околу 100 Барбики во неговиот багаж, додека се подготвува да го помине опасниот пат. Исто така, со себе зел и стотици кадифени играчки затоа што добро се пакуваат во вакуумски кеси и не се кршат. По летот од Финска до Турција, тој пешачи со товар од 80 килограми низ планинскиот пограничен регион пред да влезе во Сирија.
– Во ред е, бидејќи насекаде има бегалци. Опасно е за сите во Сирија. Владее хаос, беззаконие. Има многу луѓе што страдаат, а кои се мојата главна цел – да им помогнам колку што можам повеќе – вели Рами.