Да се има уште една личност дома, дури и само неколку дена, им нуди значајни  придобивки на мајките по породувањето, покажува ново истражување.

Неделата откако мајката ќе се породи е универзално ранлив период. Таа закрепнува и физички и ментално, додека истовремено се справува со недостиг на сон, постојана грижа за бебето и доење. По еден ден или повеќе дена поминати во болница, таа нема контакт со доктор цели шест недели.

Ново истражување предлага нов начин што ќе направи разлика во постпородилното здравје на мајката: дајте му на другиот родител породилно отсуство и флексибилност да го користи во денови кога на мајката ѝ е потребна дополнителна поддршка.

Истражувачите Маја Росин-Слатер и Петра Персон, економисти на Универзитетот „Стенфорд“, ги проучувале ефектите од шведскиот закон спроведен во 2012 година што на татковците им овозможува да земат 30 дена, во годината по раѓањето, додека мајките сè уште се на породилно. Во првите шест месеци по раѓањето имало 26 отсто намалување на рецептите за апчиња за анксиозност во споредба со мајките што се породиле пред да биде спроведена политиката. Имало 14 отсто намалување во хоспитализациите или посетите на специјалист и 11 отсто намалување на давањето рецепти за антибиотици.

– Голем фокус е ставен на тоа што може да се направи во болница веднаш по раѓањето на детето, а помалку на средината што ја опкружува мајката во нејзиниот дом. Една важна компонента е тоа што присуството на таткото е важно во домот – вели Маја.

САД се единствената богата земја без задолжително породилно отсуство. Американскиот колеџ на гинеколози минатата година издаде нов водич за поголема постпородилна грижа за здравјето.

Новото истражување покажува колку породилното може да ја подобри грижата и за бебињата и за мајката.

– Во тие први месеци едвај спиете. Особено ако ви е прво бебе. Веројатно сте преплашени. А ако се наоѓате во нашата држава, тогаш истовремено се обидувате и да заработите плата – додава таа.

Во Шведска клучот бил тоа што политиката им овозможила на татковците да земат непланирани денови платено отсуство. Истражувачите, кои ги зеле административните податоци, вклучувајќи и изводи за родените и медицинска историја – успеале да увидат дека татковците често користат платено отсуство во денови кога мајките оделе на преглед. Присуството на татковците овозможило посериозен пристап кон здравјето на мајката, како што се добар сон, барање превентивна грижа или антибиотици за инфекција.

Извештајот вклучува податоци за родителите што го имале нивното прво бебе помеѓу 2008 и 2012 година и се фокусирал на споредба на оние родени во последните три месеци од 2011 и првите три месеци од 2012 година, кога татковците можеле да земат флексибилно платено отсуство. Претходно Шведска бараше породилните отсуства на мајките и на татковците да не се совпаѓаат (со исклучок на првите десет дена по раѓањето). Целта што ја имаа другите земји, како Норвешка и Канада, беше да се промовира поврзување меѓу таткото и бебето и еднаквост на половите. Постојат докази дека кога татковците се оставени сами да се грижат за бебето, тие повеќе се вклучени во животот на децата и во работата низ дома во годините што доаѓаат.

Но имало непредвидени последици. Здравјето на мајките страдало кога татковците не можеле да бидат дома во месеците по раѓањето. Платеното отсуство во Шведска е меѓу најповолните. На новите родители им дава 16 месеци платено породилно отсуство што можат да го поделат меѓу себе.

Дури и малку денови платено породилно отсуство може да направи голема разлика во здравјето на мајката по породувањето. Типичниот татко во Шведска зема неколку дополнителни денови. Должината на породилното немала најголемо значење, туку можноста татковците да земат денови кога на мајката ѝ биле најпотребни.

И на мајките им е потребна грижа, не само на бебето. Кога мајките се здрави, од тоа имаат придобивки и бебињата.



912

X