Шумот на срце е прилично честа појава во педијатриската практика, обично безопасна. Меѓутоа, кај родителите буди страв дека нивното дете има болно срце, односно некоја срцева маана. Поради тоа, ќе одговориме на најчесто поставуваните прашања за да се отстрани стравот кај родителите. Дали воопшто има причина за страв?

1. Моето дете има шум на срцето. Дали е болно?

За среќа, најчесто не е така. Се смета, имено, дека повеќе од 50 отсто од здравите деца имаат шум на срцето. Бидејќи ваквиот шум се среќава кај инаку здравото срце – тоа се нарекува функционален или физиолошки шум. Најчесто се открива во текот на инфекција (од кое било потекло) проследена со зголемена температура.

Ваквите шумови имаат специфични звучни карактеристики, кои ги одвојуваат од шум кај болно срце. Искусен педијатар е способен да направи разлика помеѓу физиолошки и органски шум на срце, па најчесто не им соопштува на родителите веднаш дека нивното дете има шум. Обично чека да помине инфекцијата, па ќе ги спореди квалитетот и јачината на шумот. Ако е послаб или исчезнал, сосема е сигурно дека се работи за физиолошки шум. Но, ако шумот е со ист интензитет, го упатува детето кај детски кардиолог. Токму променливоста е основната карактеристика на функционалниот шум, за разлика од шумот кај болното срце – кој, главно, е многу посилен и не се менува значително со текот на времето.

2. Дали морам итно да го однесам детето кај детски кардиолог?

Кога ќе дознаат дека нивното дете има шум на срце, родителите не би требало да паничат. Бидејќи од 100 деца со шум, само три-четири навистина имаат некои срцево заболување. За целосно да се исклучи постоењето на срцева маана (најчесто вродена), потребно е родителите да се консултираат со детски кардиолог. Тој преглед не е итен, особено доколку детето нема никакви тегоби. Ова особено се однесува на деца на возраст над две години. Имено, сите тешки вродени срцеви маани, по правило, се појавуваат во првите денови или месеци од животот. Поради тоа, многу е мала веројатноста дека детето на кое лекарите првпат му одредиле шум на седум или 11 години да има тешка срцева маана.

3. Каков преглед нè очекува?

Задачата на детскиот кардиолог е, освен клинички преглед, да му направи и ЕКГ на детето. По ова основно испитување со голема веројатност може да се исклучи постоење на сериозна вродена срцева маана. Постојат, меѓутоа, некои срцеви маани кои не мора да бидат проследени со силен шум или сериозни тегоби. Поради тоа, би било добро по овој преглед да се закаже и ултразвучен преглед. Доколку се потврди дека се работи за функционален шум, односно дека срцето на детето е целосно здраво, испитувањето е завршено.

4. Сме слушнале дека физиолошкиот шум ќе исчезне до пубертетот. Дали е тоа точно?

Точно е. На родителите им е потребно да им се објасни дека нивното дете во наредните години веројатно ќе има шум на срцето кој повремено ќе се слуша посилно, а повремено послабо (или пак ќе исчезне), а дека дефинитивно ќе исчезне најдоцна до пубертетот. Тогаш градниот кош и околните мускули се многу поразвиени, срцето е подалеку од слушалките, па ваквите тивки шумови не се слушаат.

5. Дали моето дете може да продолжи да се занимава со спорт?

Доколку детскиот кардиолог со сигурност го исклучил постоењето на срцева маана (значи, по ЕКГ-преглед и ултразвук), детето е способно за нормални животни активности, вклучувајќи ги и најтешките физички напори. Односно, може активно да се занимава со спорт без никакви проблеми, дури и ако се слуша шум.

6. Дали морам да го носам детето на редовни контроли кај кардиолог?

Кога еднаш ќе се докаже дека нема вродени срцеви маани, понатамошните кардиолошки контроли веќе не се потребни, освен кај децата што се занимаваат со активен, натпреварувачки спорт.

7. Внимание – шумот на срцето може да биде и знак на болест…

За жал, не се сите шумови на срце безопасни. Иако се мисли дека срцевите болести се јавуваат исклучиво кај постарите луѓе, голем број деца имаат болно срце. Најчеста причина за срцевите проблеми кај детската популација се вродени срцеви маани. Вродените аномалии на срцето се среќаваат почесто отколку кај кој било друг орган. Речиси секое стото новороденче има некоја вродена срцева маана. Шумот на срцето е чест прв знак за заболување на срцето кај овие деца. Меѓутоа, она што би требало да се знае е дека шумот кај тие мали деца не мора да се слушне веднаш по раѓањето. Најчесто се открива во текот на отпуштањето од породилиштето или на првите прегледи, пред редовната вакцинација.

8. Не морам да го водам детето на кардиолог бидејќи нема никакви тегоби.

Ова е една од честите заблуди. Неретко шумовите кај поединци со срцеви маани се многу тивки, а тегобите отсутни, па се случува некои вродени срцеви маани да се откријат дури на возраст од 10 или 12 години. Тогаш родителите не можат да го сфатат фактот дека нивното, навидум здраво дете, има вродена срцева маана која бара хируршка корекција.

9. Што ако моето дете има вродена срцева маана?

На децата кај кои ќе се потврди постоење на вродена срцева маана мора да им се направат детални испитувања, а најчесто и да им се препише терапија. Прогнозата кај овие болни деца е разновидна. Еден број вродени маани може да поминат спонтано, а други бараат операција, по која децата можат да водат релативно нормален живот. Во третата група спаѓаат многу тешки вродени срцеви маани кои бараат неколку операции, со неизвесни резултати (за среќа, такви има најмалку).

Заклучок: Шум на срце – не е опасно, но би требало да се испита.

Најкратко, одговорот на прашањето: Дали има причини за страв? би бил дека шумот на срцето кај децата најчесто не е знак на болно срце, ниту бара итно одење на лекар. Но, бара барем минимално испитување кое го реализира детскиот кардиолог. Со други зборови, нема место за паника. Веројатноста дека детето што има шум на срце е болно е многу мала.

Автор: Асистент д-р Војислав Парезановиќ, педијатар-кардиолог



912

X