За жените што доживеале спонтан абортус, нема решение кое би било исто за справување со тагата. Додека некои почнуваат да се обидуваат да забременат веднаш, на други им се потребни месеци или години за да го надминат својот емоционален товар.

Но, голема е веројатноста дека наскоро ќе имате бебе.

– Ако сте имале еден спонтан абортус, вашата шанса за успешна бременост не се разликува од која било друга – вели Џани Џенсен, репродуктивен ендокринолог и доцент на клиниката „Мајо“ во Рочестер, Минесота.

– Тоа треба да биде надежна вест за паровите. Откако ќе успеете да создадете ембрион, шансите се дека во иднина ќе носите уште еден – додава таа.

Колку брзо по спонтан абортус може да забремените и дали има идеално време да започнете да имате секс? Еве што велат експертите.

Секс по спонтан абортус

По спонтан абортус вашето тело најверојатно ќе го заврши процесот самостојно; во спротивно, ќе ви треба дилатација и киретажа за хируршко отстранување на содржината на матката. Значи, колку време по спонтан абортус може да имате секс?

Ангела Чаудари, гинеколошки хирург и доцент на Одделот за акушерство и гинекологија на Медицинскиот факултет во Северозападниот универзитет Фејнберг во Чикаго, Илиноис, препорачува да го посетите вашиот гинеколог околу две недели по спонтаниот абортус.

– Ако е сѐ во ред, тогаш им давам зелено светло на пациентите да имаат интимни односи – вели д-р Чаудари. Таа, сепак, забележува дека жените што имале киретажа можеби ќе треба да почекаат неколку недели за да го контролираат крвавењето.

Колку брзо по спонтан абортус може да забремените?

Иако е безбедно да се има секс веднаш по спонтан абортус, жените треба да почекаат два месеца за повторно да забременат, објаснува д-р Зев Вилијамс, директор на Програмата за рано и повторливо губење на бременоста (ПЕРЛ) во Медицинскиот центар „Монтефиоре“ и Медицинскиот колеџ „Алберт Ајнштајн“ во Њујорк.

– Најверојатно е безбедно да се обидете да забремените по еден целосен менструален циклус по спонтан абортус – советува докторот.

Жените може да имаат овулација две недели по спонтан абортус, под претпоставка дека бебето е изгубено пред 13 недели, но обично се потребни два месеца за да ѝ се врати циклусот. Чекањето цели два месеца – или за целосен и нормален менструален циклус, кој обично трае околу два месеца – гарантира дека хормонот за бременост hCG се спуштил на толку ниско ниво што не може да се открие. Освен тоа, потребно е и матката да се врати во нормала.

Со обидот за бременост по спонтан абортус целта е да се „ресетира“ телото со тоа што ќе се овозможи целосен менструален циклус. Ако жената веднаш се обиде да забремени, пред хормоните за бременост да се исчистат од телото, таа може да добие лажен позитивен тест за бременост. Единствениот начин со сигурност да се знае дали хормоните за бременост целосно се намалија на „нула“ е да се направи тест на крвта.

Зачнувањето по спонтан абортус не се разликува.

– Треба да имате сексуални односи што е можно поблиску до овулацијата и да имате секс секој втор ден во деновите кога овулацијата е блиску – вели д-р Чаудари.

Покрај општите препораки за планирање на бременоста – како што се здрава исхрана и пиење витамини, идните мајки треба да ја проверат и нивната емоционална благосостојба.

– Не треба да забремените едноставно за да ја замените бременоста – објаснува Алис Домар, извршен директор на Центарот за здравје на умот/телото на ИВФ во Бостон.

– Почнете да се обидувате кога ќе се чувствувате навистина подготвени за исходот, без разлика дали тоа е забременување, незабременување или уште една загуба – вели д-р Домар.

Најважно: прашајте го вашиот лекар кога треба да се обидете повторно да забремените. Секој спонтан абортус е различен, и вашиот лекар може да ве советува за личното здравје.

Дали е полесно да забремените по спонтан абортус?

Не е јасно дали плодноста се зголемува по спонтан абортус. Меѓутоа, една студија од 2016 година на Националниот институт за здравство, објавена во списанието „Акушерство и гинекологија“, проучувала повеќе од 1.000 жени и открила дека 70 отсто забремениле во рок од три месеци по спонтан абортус. Споредете го ова со 51 отсто од жените кои зачнале откако чекале подолго. Потребни се повеќе информации, но студијата може да покаже дека нема потреба да се чека по спонтаниот абортус.

Дали повторно ќе имам спонтан абортус?

Според д -р Чаудари, имало некои стари податоци дека можеби жените имале поголема веројатност повторно да искусат спонтан абортус доколку се обидат да забременат веднаш по спонтан абортус, но сето тоа е разоткриено. Во реалноста, шансите за успешна, здрава бременост по спонтан абортус се дефинитивно во ваша корист.

Според Американската асоцијација за бременост (АПА), најмалку 85 отсто од жените што имале спонтан абортус, подоцна имаат здрава бременост.

Емоционалното влијание на бременоста по спонтан абортус

Се разбира, добивањето зелено светло за секс по спонтан абортус не значи дека навистина сте ментално подготвени за тоа. Многу лекари сметаат дека емоционалното и менталното здравје на жената е од витално значење за нејзиното физичко здравје.

– Ставот, позитивното размислување, добивањето точни информации за нејзиниот претходен спонтан абортус, знаејќи ги нејзините можности, имајќи предвид дека повеќе од 85 отсто од жените забременуваат по спонтан абортус, но истовремено знаејќи ги ризиците, сето тоа е дел од пакетот – објаснува д-р Рикардо Хуете, шеф на одделот за гинекологија во Меморијалниот медицински центар Торенс во Калифорнија.

Извор



912

X