Пред неколку години, додека стомакот на мојата жена стануваше сè поголем, а листата за литература за татковството стануваше сè подолга, се чувствував оптимистично во однос на тоа како целата работа со родителството, еден ден, одеднаш ќе „кликне“. Бебето би пристигнало, нагоните би проработиле, а преминот од стабилен пар во ново семејство би бил напорен, но не и збунувачки.

Колку само не сум бил во право. Гледајќи наназад, постојат неколку работи што би сакал да ги знаев порано. Во продолжение на текстот прочитајте за шест од нив:

1. Земете родителско отсуство ако можете

Прво и најважно: ако е воопшто можно, земете неколку дена одмор кога ќе пристигне детето. Порано пишував за жалењето што прерано се вратив на работа по раѓањето на синот. Те молам, не прави ја истата грешка како мене. Издвој онолку време колку што е изводливо. Ако твојот работодавец има одредени правила и услови во врска со отсуството, разговарајте. Само еднаш си „нов татко“. Вложи го тоа време во поврзување со детето и воспостави динамика на заеднички однос. Е-пораките може да почекаат.

2. Остави ги своите визии за родителството за подоцна

Кога мојата сопруга беше бремена во шестиот месец, едвај чекав да си подавам топка со синот во дворот. Шест месеци подоцна не можев да дочекам да престане да плаче за да можам малку да поспијам. Мојата поента е: ова е маратон, а не спринт. Магични холивудски моменти на татковството – играње со топка, возење со велосипед, правење скара – тоа се неколку години во иднината, а животот нема монтажа за магично да можете да скокнете дотаму. Но, немојте да дозволите копнежот по одредени работи да ве одврати од магичните моменти на сегашноста.

3. Слушај, учи и изостави го егото од сè

Ова е најголемата можност што некогаш си ја имал за да развиеш нова вредна вештина: грижа за децата. И тоа можеш да го направиш во служба на луѓето што ги сакаш. Голем дел од раното родителство е логистиката. Совладувањето на организацијата како да се промени пелената за максимална сувост во текот на ноќта е многу поважно од твоето размислување за тоа какво треба да биде родителството и што ќе речат другите дека правиш погрешно. На малите луѓе им се потребни мали работи. Моментално сконцентрирај се на поместување на детето, местење на автоседиштето и количката и слично. Не плаши се дека некој те набљудува, тоа не е магија, а со вежбање ќе станеш сè подобар.

4. Твојата сопруга во моментов е поважна од тебе

Ова не се некои глупости „среќна жена, среќен живот“. Твојот брак е спој од две еднакви половини и на едниот партнер, од биолошки причини, сега му се потребни помош и поддршка. Твојата сопруга сега поминува низ разни промени. Телото можеби ја боли, психички се чувствува помалку привлечно и потенцијално доживува некој степен на постпородилна депресија. Биди тука за неа. Грижи се за купување, шетај го кучето и внимавај на несакани посетители. Таа мора веднаш да се грижи за детето, а ти мораш да се грижиш за неа. Завршувај ги своите нормални должности – а грижи се и за садовите.

5. Земајќи сè предвид, сеедно мора да постојат граници

Денес во општеството се многу популарни изразите на еднаквост и еднакви половини во бракот. Понатаму, на твојата сопруга сега навистина ѝ се потребни внимание и поголема грижа. Но, и тука постојат граници. Иако во моментот целото внимание е посветено на детето, па на мајката, а дури потоа на тебе, тоа не значи дека не заслужуваш почит. И ти си дел од семејството и се трудиш и помагаш, па заслужуваш пофалби.

6. Ова е само привремено

Новороденчињата на почетокот поминуваат низ многу фази, но сите се брзи. Штом препознаеш еден начин на однесување, тој набрзо исчезнува и се појавува нов кој мораш повторно да го дешифрираш. Но, тоа е нормално и не трае засекогаш. Обиди се да уживаш во магијата на татковството што доаѓа од развојот на твоето малечко. Дури и ако си како мене, па не си сентиментален, немој тоа да го земаш здраво за готово. Само еднаш си нов татко и таа болка, плач, непроспиени ноќи, еднаш ќе завршат и ќе ти биде жал. Затоа, промени ја пелената и уживај! Воедно, направи и ручек за мама!

Автор: Кристофер Дејл



912

X